Колумни

Дали од западните држави земаме пример за демократија или суров капитализам?

Дали од западните држави - Работник
297views

Автор: Бобан Илијевски

Постојано нашите политичари земаат примери од западните европски држави кои се пример за демократија и еднаквост. Сепак, бројни примери покажуваат дека тоа не е сосема точно, се разбира што се однесува од аспект на работничките права. Гледаме дека вработените во технолошките гиганти како Гугл и Амазон постојано се жалат за тоа дека врз нив се врши освета поради преземање на одредени активности. Во Гугл се повеќе се појавуваат „свиркачи“ (луѓе кои пријавуваат и јавно ги искажуваат кршењата на работничките права) и поради тоа, раководството на Гугл им се „одмаздува“. Во Амазон, трудни жени биле отпуштани од работа, како и нивните вработени кои се вклучни во протестите против климатските промени, постојано се закануваат. Ова ви наликува на демократија и еднаквост и почитување на работничките права? Длабоко се сомневам.

Затоа паметно би било од сите западни земји да не се зема памет. Затоа што најголемата медиумска куќа во Велика Британија, Би – Би – Си е вмешна во скандал, откако нивна вработена, ги тужеше поради родова дискриминација. Таа тврди дека земала 85 % помала плата од своите машки колеги. А, ние бидејќи се стремиме кон демократија и еднаквост, овој пример треба да ни биде поука за тоа дека секоја западна држава не може да биде наш „Role Model“, односно дека не треба да се стремиме кон таков модел на  демократија, бидејќи тоа е само суров капитализам. За да не посочувам само негативен пример, еве еден позитивен. Во своите подружници 25 сојузни држави во САД, една компанија воведе политика со која нема повеќе да вработува никотински зависници. Иако сум и јас пушач, оваа е мудра одлука, затоа што на тој начин се крева свеста за водење на поздрав живот. Вакви политики нас ни требаат. Потребно е да им се продолжи пордилното отсуство на мајките на 12 месеци и дополнително да работат со скратени работни часови за да можат да поминуваат повеќе време со бебето, а не како во Амазон, да се отпуштаат бремени жени. Потребно е и да се намали работното време, бидејќи многупати докажано е дека работникот не може да биде продуктивен ни седум часа, туку најмногу четири до пет часа. Нас ни се потребни вакви мерки, со кои би им подобрил статусот на вработените и би им се овозможил поголем баланс помеѓу работниот и приватниот живот.

Така да, почитувани политичари, ајде да престанете со неважни работи и да се насочите кон унапредување на социоекономскиот статус на работникот, бидејќи ние сме ретка држава каде што и тие коишто работат се сиромашни. Да ги повикате оние кои сакаат да се зголеми работното време и да се скратат паузите и да им кажете дека не може тоа да се оствари. Јасно и гласно да им доловите дека нашата држава се стреми кон тоа да применува европски принципи и практики, а не феудалистички и античко египетски системи. Ние имаме потенцијал, имаме добра геостратешка и економска положба и можеме да изградиме економски силна држава каде што работничката класа ќе биде некаде на врвот од хирархијата, а не на нејзиното дно.

Доколку сакаме да не ги испуштиме и преостанатите работници кои од 1 март со голема веројаност ќе јурнат кон Германија, треба да ја унапредиме работничката класа, согледувајќи и применувајќи позитивни примери од држави каде што навистина се почитуваат работничките права.

Колумната е дело на авторот. Таа во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на Порталот Работник