Дали просечната плата ја „билдаат“ отпуштените работници кои примале минимална плата?
Просечната плата на крајот од 2020 година забележа раст и покрај тоа што пандемијата од Ковид – 19 ја погоди во голем дел економијата во Македонија. Таа во ноември изнесуваше 27,588 денари, а во декември 28,294 денари.
Дали растот на просечната плата се должи на тоа што отпуштените работници во ек на пандемијата биле приматели на минимална плата
Според податоците на Агенцијата за вработување, согласно 31 јануари 2021 година, 18,174 работници останале без работа како последица на пандемијата. Сепак бројот на отпуштени работници според одредени синдикати е многу поголем. Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија Благоја Ралповски за порталот Работник вели дека најголем дел од луѓето коишто останале без работа во ек на пандемијата земале минимална плата, а поради тоа имаме раст на просечната плата.
„Растот на просечната плата се должи на тоа што голем број од работниците коишто земаат минимална плата го изгубија своето работно место“, вели Ралповски.
Според него има уште еден фактор кој влијае на растот на просечната плата, а тоа е мерката на Владата за субвенционирање на платите за да се спречи давањето на плата во плико. Ралповски вели дека мораме да знаеме дека нашиот буџет е многу исцрпен и дека ова ќе се одрази многу на растот на просечната плата во 2021 година.
„Немајќи пари од државни средства да се субвенционира додатокот на плата коишто го земаат многу работници, пред се во трудоинтензивните дејности, во трговијата итн., каде што многу пати сме повториле дека заради исплаќање на плата во плико или исплаќање на додаток на плата како авторски договор, многу компании имаат во своја сопственост повеќе компании“, вели Ралповски.
Вели дека Управата за јавни приходи нема ништо преземено во овие две години и целата мерка со субвенционирање на платите, како што вели, за додатокот на плата од 600 до 6,000 денари ќе падне во вода, поради непреземањето на никаква акција од страна на Управа за јавни приходи, за да го елиминира овој фактор.
Посочи дека сиромаштијата расте, нагласувајќи дека тоа е очигледно и дека во една држава каде што расте сиромаштијата, просечната плата се „билда“ вештачи. Кога ќе достигне до нив да кулминира, просечната плата ќе започне да опаѓа. Ралповски очекува опаѓањето да се случи многу брзо, доколку не се преземат итни интервентни мерки каде што треба сузбивање на сивата економија и сузбивање на непочитувањето на законите при исплата на плата.
Бизнис секторот се согласува дека зголемувањето на просечната плата се должи на отпуштените работници и нивната структура
Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров исто смета дека една од првичните за раст на просечната плата во услови на пандемија е зголемувањето на бројот на работници кои ги изгубиле работните места и структурата на оние кои останале без работа.
„Сведоци сме дека во многу дејности од услужниот сектор работниците работеа од дома, но во индустријата такво нешто не е возможно. Најпрво се работи за машини и опрема кои не можат да се преместуваат надвор од фабричките хали, а и работата е поврзана со други работни места и не може да се извршува одвоено“, вели Димитров.
Според него, затоа бројот на работници кои останаа без работа е поголем во индустријата, а особено во трудоинтензивните дејности каде се исплаќаат и пониски плати.
Димитров истакна дека горенаведеното не е единствена причина за раст на просечната плата. Во некои од дејностите, вели, поради бројот на заболени и оние кои останаа во изолација, мораа да работат прекувремено за што добија зголемена плата за 35 %.
Неговата прогноза е дека трендот на зголемување на платите во Македонија сигурно ќе продолжи и понатаму заради вкупните случувања во државата, а оние компании кои тоа нема да можат да го издржат, според него, се осудени на затворање.
Четири фактори за зголемување на просечната плата
Универзитетскиот професор и економски експерт Марјан Петрески смета дека има четири фактори коишто влијаат врз зголемувањето на просечната плата во ек на пандемија.
Според него, првиот фактор е што изгубените работни места се со ниски примања, па кога ги нема во листата на плата, просекот расте. Втор фактор, вели Петрески, е субвенционирањето на придонесите на платите за зголемување во ранг од 600 до 6,000 денари кое Владата го донесе како свое решение за формализирање на платата во плико во декември 2019 година.
„Од таа мерка, го гледаме годишниот ефект заклучно со овој декември 2020, и во следните месеци тој ефект веќе ќе го нема или ќе биде значајно помал“, е процената на Петрески.
Третиот фактор според него е зголемувањето на минималната плата на 14,500 денари во ноември 2019 година. Како што вели, токму поради овој раст на минималната плата, до ноември гледавме раст на платата од 7 до 8 %, а веќе во декември тој беше намален, меѓутоа постои затоа што минималната плата во јуни 2020 година се усогласи на 14,932 денари.
Четврт фактор, според него е што не кои високоплатени индустрии, како ИКТ и финансии, имаат добра 2020 и покрај пандемијата. Значи, растот на просечната плата кој го гледавме низ 2020 е комбинација од сите овие фактори.
Неговата прогноза е дека во 2021 ќе видиме забавување на растот: ќе расте просечната плата, но многу помалку од 2020.
Бобан Илијевски

