- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Дали работниците ќе ги добијат мартовските плати?

Дали работниците - Работник
6.36Kviews

Најавено е дека законот за финансиска поддршка на плати дека на дневен ред во Собранието ќе се стави на 23 март, но дали ќе успее да се изгласа за да парите можат да се дадат на работодавачите и тие да ги исплатат на своите вработени.

Денеска, Вицепремирот за економски прашања, Фатмир Битиќи потврди дека законот е ставен на гласање на 23 март, посочувајќи дека огромниот број на поднесени амандмани од страна на албанската опозиција (Алијанса и Алтернатива) го попречуваат неговот изгласување, па знак прашалник е дали ќе се донесат до крајот на март.

Битиќи смета дека февруари ќе биде покриен со плати, а за март, како што вели, одговорот треба да го дадат пратениците во Собранието.

„Јас знам како би постапил да сум на местото на пратениците, бидејќи тоа е научена лекација. Време за политика ќе има кога ќе живееме малку подобро, без притисок од страна на здравствената криза“, рече Битиќи, нагласувајќи дека поради тоа смета дека за една недела или десет дена законите ќе бидат донесени и помошта ќе стигне кон сите оние на коишто им е најмногу потребна. 

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека се уште не се донеси закони и од четвртиот пакет мерки. Тој ја повика опозицијата која ги толкува бројките како што сака, да ги поддржи сите законски решенија, потенцирајќи дека ако не им се допаѓаат истите, да понуди алтернативни решенија, а не да ги блокира. 

„Во Собранието се уште има недонесени закони за реализирање на четвртите пакет мерки. Четвртиот сет економски мерки ги даде своите резултати, но треба да се има предвид дека во Собранието уште стојат законски решенија од четвртиот сет мерки кои се во Комисијата за финансии во делот на докапитализација на македонската банка за развој, но истовремено и во делот на новата мерка за воведување гаранција за извозно ориентираните компании и зголемување на капацитетот на Развојната банка за да дава бескаматни кредити за сите наши компании. Опозицијата ги толкува бројките како што сака. Ги повикувам да ги поддржат сите законски решенија. Ако не ги сакаат овие законски решенија, нека понудат алтернативи за да ги подобриме законските решенија, а не да блокираат“, посочи Бектеши. 

Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ претходно истакна дека се реалност забелешките на кои подолго време укажува опозицијата. Тој не знае, како што рече, зошто цел месец се чека да се донесат законите од петтиот пакет во Собранието. Според Муцунски, таквата неагилност загрижува.

 „Имаме ненавремена и недоволна реакција на извршната власт во однос на квалитетни и опипливи економски мерки. Јазот меѓу богатите и сиромашните се зголемува, се зголемува невработеноста, компаниите не добиваат доволно помош. Веројатно недостасува соодветен дијалог со релевантните чинители, со стопанските комори, треба многу повеќе јавни средства да бидат влејани во приватниот сектор. Ова е време кога државата треба да издвојува многу повеќе за помош на компаниите. Потребно е заеднички да се реагира, да се слуша гласот на сите засегнати страни. Постои одредена помош што ја поддржуваме и го повикуваме парламентрарното мнозинство, не знам зошто се чека веќе еден месец како точка на дневен ред да се стават законите кои се дел од петтиот пакет. Тие се доставени до Собранието во средината на февруари. Седницата со која ќе почне процесот на нивно донесување е закажана дури за следната недела. Навистина загрижува таа неагилност во сите тие процеси, но ние како опозиција ќе нудиме предлози и решенија, секогаш ќе бидеме во комуникација со приватниот сектор за да им се помогне, да се зачува нивната ликвидност и да се заштитат работните места “, нагласи Муцунски.

Координаторот на трудовиот сектор на Левица, Бобан Кочовски за порталот Работник вели дека положбата на работниците во Република Македонија нема да се подобри во догледно време затоа што во изминативе година дена ниту една донесена мерка не била во корист на работничката класа. Работниците секако дека заслужуваат државна помош, повеќе од било кога, вели Кочовски, затоа што тие се оние кои што се директно најзасегнати од оваа здравствено-економска криза и огромниот број на откази кои што се последица од неа.

„Мерките кои што ги предвидува Владата, за жал, не нудат ништо конкретно. Овие мерки се само замајување на јавноста преку квази-грижење за работникот, додека гледаме во позадина како функционери од Власта расипнички трошат народни пари на непроверени софтвери, бифтеци, апетисани, кафански трошоци и сл. Мерките како мерки се гол популизам, привидно “решавање“ на некаков проблем, но сите знаеме дека проблемот е многу посложен и далеку потежок за решавање. Доколку Власта навистина имаше сенс за потребите на работниците немаше да остане само на морална осуда кон фирмите кои што земаа државни пари за зачувување на работните места, а истите не ги употребија за тие цели!“, вели Кочовски.

Според него, потребно е насочување кон поинаков пристап на решавање на проблемите на работниците. Краткорочно, вели, потребно е носење на квалитетни закони од областа на трудот, трансформација на Државниот инспекторат за труд во насока на поголем ангажман во заштитата на работниците и воведување на драконски казни за сите работодавачи кои што ги кршат работничките права!

„Долгорочно, доколку сакаме да дојдеме до реални промени, потребно е менување на системот, којшто е капиталистички по својата природа, систем кој што е мошне суров кон работничката класа, а благонаклонет кон работодавачите. Сепак, олигархијата практикува власт по своја мерка, не по мерка на работниците, и тоа МОРА ДА СЕ ПРОМЕНИ!“, нагласи Кочовски. 

Претседателот на Здружението за текстилна и кожарска индустрија при Стопанската комора на Северна Македонија на прес – конференција во понеделникот истакна дека доколку не се донесе законското решение, над 20 % од вработените во текстилната индустрија можат да останат без работа. 

Тој побара во преодните и завршните одредби на законот да се земат во предвид одложувањето на рокот за аплицирање на државната помош и за поднесување на исправка на МПИН образец за февруари 2021 година, за да може компаниите да конкурираат и да им се одобри потребната финансика поддршка. 

Според Владата, мерката за поддршка на плати за вработените, од петтиот пакет треба да опфатат 60,000 вработени, а за истата се одвоени 1,92 милијарди денари. Предвидено е таа да се доделува скалесто, во зависност од тоа колку е погодена компанијата, од 14,500 денари до 21,776 денари. 

Бобан Илијевски