ДВ: Минималецот ќе расте, но дали незадоволството ќе се намали?

Со многу надеж, но со малку оптимизам стартува уште една неизвесна година во која власта и синдикатите ќе ги кршат копјата во битката за работничките права. По тешката и тензична 2022 година која помина во знакот на протести, со галопирачка инфлација која го изеде стандардот, но која сепак донесе и пробив околу одредени проблематични прашања, како она за минималната плата.

Раст на минималецот

На стартот на годинава, власта се пофали дека минималната плата ќе продолжи да расте, но само по себе тоа не предизвикува којзнае колкаво задоволство кај синдикатите кои имаат и други приоритети за решавање:

„Тоа што минималната плата ќе се зголеми е јасно и е согласно законот кој успеавме да го договориме и за кој добивме поддршка. Колку точно ќе изнесува зголемувањето се уште не е дефинирано, иако се очекува тоа да изнесува околу 1800 денари. Но проблемот е што и тие пари се малку со оглед на огромната инфлација која го изеде досегашното зголемување, а не повлече и зголемување на останатите плати што мора да го издејствуваме“, реагира Маријан Ристевски од Конфедерацијата на синдикални организации.

Предупредување за протести

Освен зголемување и на останатите плати, синдикатите имаат и други приоритети за кои ако нема решение предупредуваат дека ќе испровоцираат нови протести:

„Ако вака продолжи, ќе има сигурно протести бидејќи минатата година власта направи многу зла за синдикатите. Еднострано поништија колективни договори кои веќе беа потпишани, носат акти, нема ништо од законот за работни односи кој го усогласуваме веќе пет години. Бараме да се потпише општ колективен договор оти гледате каков хаос е, некој зема, некој не К 15 или регрес за годишен одмор. Ниту образование, ниту здравство, ниту полиција, ниту армија. Да се потпише општ колективен договор во кој што ќе има права за сите работници, а не вака хаотично, не се знае кој закон за кого важи. За некои министерства се зголемуваат плaтите, за некои не. Мора да се решат овие работи оти е криза и вака не може да се преживее“, укажува Ристевски.

Повеќе на Дојче Веле