Депресија кај успешните луѓе: Што кога сѐ изгледа совршено однадвор, а внатре нешто недостига?
Не секоја депресија изгледа исто. Понекогаш и најуспешните, најпродуктивните личности – оние кои секогаш ги постигнуваат своите цели – страдаат од депресија. Оваа состојба често се нарекува високо функционална депресија, иако тоа не е официјална дијагноза.
Луѓето кои се соочуваат со ваков тип на депресија изгледаат како да имаат сѐ под контрола, но длабоко во себе се чувствуваат исцрпено, празно и анксиозно. Продолжуваат со работата и постигнувањата, но чувствуваат дека нешто сериозно не е во ред, пренесува CNBC Make It.
Некои од најчестите симптоми кај високо функционалната депресија се:
- губење интерес за нешта кои порано носеле радост,
- хроничен замор,
- чувство на безнадежност,
- намален апетит и раздразливост.
Психијатарот д-р Џудит Џозеф, авторка на книгата High Functioning, развила систем од „5 В“ – пет чекори кои можат да помогнат во секојдневната борба со оваа состојба, без дополнителен притисок.
Пет чекори за справување со високо функционална депресија:
1. Валидација – Признај ги сопствените чувства
Првиот чекор е да си признаеш како навистина се чувствуваш. Високо функционалните луѓе често ги потиснуваат емоциите затоа што „мора да продолжат“. Но, препознавањето на чувствата како тага, анксиозност или гнев е прв чекор кон заздравување.
2. Вентилација – Ослободи се од она што те притиска
Разговор со блиска личност, водење дневник, молитва или дури и плачење – сето тоа се здрави начини да ги изразиш емоциите. Ако зборуваш со пријател, прашај прво дали има сила да те сослуша.
3. Вредности – Потсети се што навистина ти значи
Во трката по успехот, често забораваме што нѐ исполнува одвнатре. Дали тоа се односите со блиските, уметноста, природата, помошта на другите? Фокусирај се секојдневно на тоа што ти дава смисла, не само на надворешните цели.
4. Виталност – Грижи се за телото
Телото и умот се тесно поврзани. Исхраната, физичката активност и сонот имаат директно влијание врз твоето расположение. Квалитетот на односите, рамнотежата меѓу работата и приватниот живот и односот кон технологијата се исто така дел од твојата виталност.
5. Визија – Планирај радост
Не заборавај да планираш мали моменти на среќа – шетка, кафе со пријател или десет минути тишина по напорен ден. И најмалата радост може да направи голема разлика.
Ако се препознаваш во некои од овие симптоми, не двоуми се да побараш стручна помош. Со поддршка и мали секојдневни чекори, можно е повторно да се пронајде внатрешниот мир.
Извор: BIZLife.rs

