- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Дури и ниско платениот работник ќе биде поскап од трошоците за интелегентна машина

Дигитална економија - Работник
499views

Редакцијата на порталот Работник, со оглед на тоа дека пандемијата од ковид -19 ја актуелизираше дигиталната економија, побара експертски став од страна на проф. д-р Калина Треневска – Благоева од Економскиот факултет при УКИМ, која предава на катедрата за Е – бизнис.

Дигитална економија и пазарот на трудот

Во однос на дигитализацијата и пазарот на трудот, професорката Треневска – Благоева вели дека менувањето на процесите преку дигитализација неминовно значи и промени на пазарот на работна сила, како всушност и многу пати во историјата, па оттаму нагласи дека некои професии исчезнуваат, нови професии се јавуваат, а некои професии се видоизменуваат.

Дигитализацијата навистина значи намалување на потребата од вработени, односно во иднина се очекува да се намалува бројот на вработени во сите сектори. На пример, американскиот економски теоретичар Џереми Рифкин (2014) тврди дека на долг рок дигиталната револуција значително ќе ја намали вработеноста затоа што се претпоставува дека маргиналните трошоци на производството се близу до нула, вели Треневска – Благоева. 

Таа смета дека ова подразбира дека дури и ниско платен работник ќе биде поскап од дополнителните трошоци за користење интелигентна машина. За иновативни производи и услуги може да се очекува зголемување на побарувачката на работна сила, додека спротивното се очекува во случај на повеќе стандардни производи. Општо земено, овие размислувања имплицираат дека влијанијата на технолошките промени врз вработувањето можат да бидат позитивни или негативни. Компаниите што користат ИКТ ефикасно ќе ги заменат конкурентите што не користат. Машините може да заменат работни места или само одредени задачи, но наместо тоа, може да има нови можности за погодените работници. Потребите на човештвото се бесконечни и, според тоа, производите и услугите не се ограничени во нивната еволуција и иновативност. Ова ја негира до некаде заканата од масовна технолошка невработеност заради дигитализација во блиска иднина. Наместо тоа, застареноста на (технолошките) вештини може да биде многу пореална, е проценката на професорката Треневска- Благоева. 

„Ваквото не толку црно сценарио е едно од неколкуте. Се поставуваат рaзлични прашања во овој контекст: Дали трендот кон поголемо вработување во услугите ќе продолжи или дури ќе се забрза (а можеби и не)? Дали малите или големите компании ќе бидат победници? До кој обем, рутинските задачи ќе бидат под влијание на дигиталните технологии и колку се загрозени дури и нерутинските задачи, и многу други прашања. Бидејќи дигитализацијата и појавата на економијата по-барање (on demand economy) овозможија нови форми на вработување, на пр. преку Интернет или работа на далечина, тие сериозно влијаат на тоа како е организирана работата и како работодавците и вработените комуницираат едни со други“, вели професорката. 

Со дигитализацијата, посочи таа, работата стана помалку поврзана со просторот и времето. Нагласи дека постојат и предизвици што треба да се надминат, како што е одржување на здравa работна рутина и баланс. Важна е и улогата во преговорите меѓу работодавците и вработените. Информирањето и консултацијата со работниците пред воведувањето на нови технологии, во согласност со релевантните национални практики, може да ги намалат проблемите при транзицијата, или отпорот кон промени.

Првите резултати сугерираат дека наоѓањето начини на кои технологијата може да ги поддржува работниците во нивните задачи, наместо да ги заменува, генерира најголема корист за сите вклучени. Порадикални се теориите на одредени научници, дека дигиталниот јаз, како дел од технолошкиот јаз, ќе креира јаз помеѓу земјите толку непремостлив, што земјите што се исклучени ќе имаат и работна сила што е непотребна и невработлива. Овие сценарија би значеле потреба за јака државна интервенција, како социјална заштита, но и други мерки, проблеми што би биле застрашувачки. Промените на пазарот на труд допрва следуваат во нивната радикалност, а ни Македонија нема да ја заобиколат, подвлече професорката Треневска – Благоева. 

Што е дигитална економија?

Дигиталната економија е всушност економијата на сегашноста и иднината, вели Треневска – Благоева. Ако во минатото беше потребно да се дефинира – денес тоа е непотребно зошто се што значи економска активност е нужно поврзано со некаков тип на користење – повеќе или помалку интензивно, на современите информациско-комуникациски технологии. Една дефиниција е „економија заснована на дигитални технологии“. 

Истакна дека Дон Тапскот прв го воведува поимот дигитална економија во својата најпродавана книга 1996 година „Дигитална економија: Ветување и опасност во ерата на мрежната интелигенција“, а основачот на MIT Media Lab Николас Негропонте вели дека дигиталната економија е користење „битови наместо атоми“.

„Дигиталната економија може да подразбира технологии, инфраструктура, дигитални производи, интернет, е-бизнис, е-трговија, дигитализација, дигитална трансформација… Дигиталната трансформација на економијата се нарекува и четврта индустриска револуција. Дигиталната економија ја истакнува можноста и потребата организациите и поединците да користат современи технологии за извршување на работните задачи подобро, побрзо и често поинаку од порано. Дигиталната економија значи и социјални промени – нов начин на живот“, вели Треневска – Благоева. 

Дигиталната економија вклучува низа сектори, од кои многу не се нужно препознатливи како такви затоа што се вклучени во секојдневните активности на другите сектори, вели таа, нагласувајќи дека речиси секоја индустрија ги користи дигиталните технологии на еден или друг начин.

Нагласи дека дигиталните нарушувања веќе доведоа до создавање огромно богатство за рекордно време, но ова е високо концентрирано во мал број земји, компании и поединци. Во меѓувреме, како што вели, дигитализацијата, исто така, доведе до основни предизвици за креаторите на политики во земјите на сите нивоа на развој.

Вели дека во зависност од дефиницијата, проценки на големината на дигиталната економија се движат од 4,5% до 15,5% од светскиот БДП.

Во однос на додадената вредност во информатичка и комуникациска технологија (ИКТ) сектор, истакна Треневска – Благоева, САД и Кина заедно сочинуваат скоро 40% од глобалната додадена вредност. Како дел од БДП, сепак, секторот е најголем во Ирска, Малезија и во Тајван. Глобалната вредност на е-трговијата достигнa 29 трилиони долари во 2017 година, што е еквивалентно на 36 проценти од БДП.

„Трансформациското влијание на дигитализацијата станува најочигледнo кога се разгледува огромната важност на неколку големи високо-технолошки компании денес. Четири од топ 10 фирми во 2018 година дури и не биле меѓу првите 100 во 2009 година (Амазон, Алибаба, Фејсбук и Тенсент). Мерењето на вредноста на дигиталната економија многу зависи од употребената дефиниција. Така, на пример, ММФ забележува дека, користејќи ја тесната дефиниција на Организацијата за економска соработка и развој- ОЕЦД (која се однесува само на ИКТ сектор), дигиталната економија во Кина изнесувала 6% за една година. Користење на поширока дефиниција, која вклучува и ИКТ-сектор и делови од традиционалниот сектори кои имаат вклучено дигитални технологии, би покажала 30% од БДП во 2017 според проценките на Кинеската академија за информациско-комуникациски технологии, (извор Digital Economy Report, 2019, UNCTAD)“, вели Треневска – Благоева. 

Дигиталната економија во Македонија

Професорката Треневска – Благоева истакна дека во Македонија, дигиталната економија е навлезена насекаде, односно дека ги следиме светските трендови. Сепак, вели таа, со оглед на структурата на македонската економија, не може да се каже дека сме ни близу до врвот. Учеството на секторот – информации и комуникации во 2019 во БДП бил 3,7% (ДЗС, 2019), но ова не е апсолутна мерка за распространетоста на дигитализацијата. Мерка за степенот на развиеност на дигиталната економија во ЕУ е т.н. DESI (Digital Economy and Society Index), кој што е композитна мерка, па така за ЕУ изнесува 52, каде што Финска е највисоко рангирана, а Бугарија е на најнизок ранг. Македонија не е рангирана. Според Орагнизацијата на Обединетите Нации, загрижувачки е што Македонија во периодот 2010-2017 бележи опаѓање од скоро 3% во уделот на ИКТ секторот  во делот на додадена вредност како дел од БДП.  Вели дека и ОЕЦД, прави напори за мерење на развојот на дигиталната економија, но нема направено конкретно рангирање.

За повеќето македонски граѓани, како што вели Треневска – Благоева, дигитализацијата значи промени во процесите на купување, продавање, односи со локалната самоуправа, државните институции. Како вработени, дигитализацијата влијае на процесите во сите сектори. И социјалните односи, начините на комуникација, информирање, се дигитализирани.

„Пандемијата ги покажа уште повеќе разликите помеѓу земјите во степенот на дигитализација“

Според неа, она што го искусуваме во моментов како Ковид-19 предизвикани промени, се одразуваат на сите и на секој план. Пандемијата ги истакна уште повеќе разликите меѓу земјите во степенот на дигитализација, односно она што се вика дигитален јаз. Дури може да се каже дека повторно станува збор за јазот меѓу побогатите и посиромашните земји, но и компании, па и поединци. Тука не станува збор само за опременост со хардвер, или сеприсутен супер брз интернет. Повеќе јазот се однесува на дигитализација на процесите, почнувајќи од школството на сите нивоа, па завршувајќи со здравството.

Достапноста до потребни уреди и добра интернет врска е нешто што во услови на итна потреба е поедноставно решливо на кус рок, вели таа, за разлика од потребата за креирање на дигитални содржини, редизајн на процесите, како и обука или преобука на корисниците – нешто за што треба експертиза, време и искуство.

„Се разбира, за се треба и средства (најчесто со ребаланси на буџетите во услови на криза). Дигиталната економија почна да се развива побрзо и да навлегува насекаде. На учениците им беа потребни нови уреди, како и на наставниците па дојде до недостиг на компјутери, се забрза користењето на онлајн плаќањата на комуналните јавни услуги, се виде дека многу состаноци на работните тимови можат да се одржуваат и онлајн на разни платформи наменети за тоа. Платформите за онлајн комуникации почнаа да бидат најбаран софтвер, како и платформите за онлајн учење, а да не се заборават и платформите за е-трговија. Многу индустрии мораа да направат комплетен реинженеринг на нивните процеси, особено во делот на логистиката. Дигитализираните и роботизирани процеси се сеприсутни во индустриите, а доставата на пратки веќе се изведува со дронови. Големите податоци (big data) е предизвик кој ќе ги има, кој ќе ги обработи и ќе добие релавантни информации од нив“, вели Треневска – Благоева. 

Таа посочи дека универзалното дигитално создава и проблеми, а сигурноста и безбедноста на податоците се еден од нив. Вели дека нема дилеми, забрзаната дигитализација е неминовна во сите сфери.

Бобан Илиејвски