Димитров: Да се направи сеопфатна анализа пред да се воведат квоти за вработување на лица со попреченост

Бобан Илијевски

Во третиот дел од серијалот насловен како „Вклученоста на лицата со попреченост на пазарот на трудот“, разговараме со Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.

Со него разговараме на повеќе прашања поврзани со оваа тема, а на едно од нив, кое се однесува на ставот на ОРМ за воведување на квоти за вработување на лица со попреченост, Димитров вели дека пред да се воведе ваков систем потребно е да се направи анализа, бидејќи истиот во други држави покажал слабости.

ПРВ ДЕЛ: На Македонија ѝ е одобрен кредит од СБ преку кој треба да се зајакне вработувањето на лицата со попреченост, велат од МТСП

Колку компаниите во Македонија вработуваат лица со попреченост? 

Димитров: Најголемиот број на вработени лица со попреченост се во Заштитните друштва кои се специјализирани за вработување на вакви лица, а од државата за тоа добиваат одредени финансиски олеснувања. Во моментов во државата функционираат околу 230 заштитни друштва, кои вработуваат 5.700 вработени од кои 2.500 вработени се инвалидни лица и лица со попреченост. Во останатите компании бројот на вработени лица со попреченост е незначителен и покрај можноста компаниите да уживаат одредени бенефиции. Поради законската обврска на заштитните друштва да го одржат бројот на вработени инвалидни лица над 40% од вкупно вработените, честопати се случува во агенциите за вработување да нема евидентирани лица со попреченост како невработени.

Што мислите за тезата дека и да е поквалификувано од лицето без попреченост, лицето со попреченост има помали шанси да биде вработено

Димитров: Веројатно во праксата постојат случаи кога предност се дава на другите кандидати за вработување наместо на лицето со попреченост затоа што работодавачите се свесни дека овие лица се специфични и во одредени дејности потешко се вклопуваат во работните процеси во компанијата. За разлика од обичните претпријатија, во заштитните друштва има поголем број на вработени лица со попреченост и самите работодавачи имаат искуство во адаптацијата на работните места и работното оспособување на овие лица.

И да е поквалификувано од лицето без попреченост, поголеми се шансите да не биде вработено, вели Јовевски

Кој е Вашиот став за воведување на квоти за вработување на лица со попреченост? 

Димитров: Квотниот систем во некои држави покажа многу слабости. За да се воведе потребно е најпрвин да се направи сеопфатна анализа за тоа колку има невработени инвалидни лица, како се распоредени по региони, со каква квалификација располагаат, на кои работни места можат да работат и др. податоци со кои ќе се утврди дали квотниот систем може да функционира. Ако ова не го направиме постои можност поради намалените финансиски олеснувања на заштитните друштва тие да згаснат и голем број на инвалидни лица да останат како невработени, а останатите компании да плаќаат одредена давачка, наместо да вработуваат лица со попреченост.

Колку државата им помага на компаниите да ги приспособат работните простории за да одговараат на потребите на лицата со попреченост? 

Димитров: Државата доделува неповратни средства во висина од 20 просечни нето плати за вработување на инвалидно лице, односно 40 нето плати за телесни инвалидни лица кои се движат со помош на количка и за слепи лица со оштетен вид од 90 до 100%. Покрај тоа за адаптација на работно место на компанијата и се исплатуваат 100.000,00 денари. Факт е дека заштитните работилници се најголеми корисници на овие средства бидејќи имаат поголем број на вработени инвалидни лица и ја познаваат процедурата за добивање на средствата. Овие средства се обезбедуваат од придонесот за вработување кој го уплаќаат компаниите во Македонија за своите вработени.

Што мислите за мерките коишто ги дава државата за вработување на овие лица? Што би требало да се направи за да повеќе им се помогне на работодавачите во ангажирањето на лицата со попреченост? Ова го прашувам, бидејќи овие мерки бележат мала искористеност.

Димитров: Историски гледано во периодите кога државата ги заострувала условите за добивање на средства за вработување на лица со попреченост, бројот на вработени лица со попреченост опаѓал. Обратно, кога условите се либерализирале, тогаш бројот на заштитните друштва и бројот на вработени лица со попреченост се зголемувал. Сметам дека сѐ уште не е направена добра медиумска кампања за подигање на јавната свест за недискриминација, можностите што ги нуди државата, работното оспособување на инвалидните лица, работните асистенти  и други информации од оваа област. Сепак, сметам дека инвалидните лица најдобро можат да се рехабилитираат во заштитните друштва, каде се вработени на неопределено работно време, каде се прифатени од работната средина која е прилагодена на нивните потреби и можности и се социјализираат во колектив каде има повеќе вработени инвалидни лица и се чувствуваат згрижени, општествено корисни и задоволни. Другата опција е рехабилитацијата да се врши во специјализирани рехабилитациони центри, кои ќе се финансираат од државата, отвора можности за многу малверзации кои наместо да ги подобрат состојбите, ќе направат поголеми проблеми.

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.