- Advertisement -
МакедонијаНовостиСветот на работникотСиндикат

Договорите на определено време се тренд на Западот, смета проф. Мајхошев

Договорите на определено време - Работник
500views

Бобан Илијевски

Пандемијата предизвикана од Ковид – 19 направи големи здравствени и економски штети, но од друга страна предизвика и бројни промени во повеќе сегменти, како на пр. на пазарот на труд.

Сега повеќе од било кога се зборува за воведување на флексибилно работно време, работа на далечина и промена на кариера. Голем број на експерти од областа на кариерата велат дека пандемијата им помогнала на луѓето да ги преиспитаат своите приоритети, па токму ова придонесува да се појавуваат нови трендови.

Трендовите коишто се случуваат на пазарот на труд во повеќето земји од светот, а особено во земјите од Западна Европа и САД пополека се пресликуваат и во Македонија. Кај нас минатата година голем број од работниците, кои имаа таква можност, работеа на далечина или од дома. Најочигледен пример за тоа се ИТ компаниите, финансиските и телекомуникациските компании кои некои од нив работеа и на комбиниран начин (одреден период од дома, а одреден од канцеларија).

Експертите по трудово право сметаат дека некои од дејностите ќе се прилагодат на новите трендови кои ги предизвика пандемијата.

Проф. Д-р Андон Мајхошев од Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, смета дека трендовите што се појавуваат во другите земји, ќе дојдат и кај нас.

Професорот објаснувајќи го трендот на работа на далечина и на комбиниран начин, за пример ги зеде универзитетските професори кои веќе подолго време работат на комбиниран начин, односно онлајн и со физичко присуство.

Според него, ќе дојде време и кога ќе се намали работното време, со цел да се постигне поголем баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот.

„Трендот на Западот“

Професорот Мајхошев е на ставот дека работниот однос во Македонија станува се‘ полабав. За ова показател се договорите на определено работно време кои во голема мера започнаа да ги надминуваат договорите на неопределено работно време, односно работодавачите склучуваат повеќе договори на определено време со работниците.

„Од почетокот на транзицијата, бројот на договори на неопределено време е значително е намален. Ова е тренд на Западот“, вели Мајхошев.

Причините за се поголемиот број на склучување на договори на определено работно време се повеќе, појаснува професорот. Една од причините е работодавачот да види дали одреден работник ги извршува добро работните задачи, за да одлучи дали да го задржи и да го трансформира неговиот работен однос во договор на неопределено работно време.

Склучени ДВ во РМ во периодот 2004-2020 година на неопределено и определено време и сезонски работи (Извор: АВРМ)

Табелата во која е даден бројот на договори на неопределено и определено работно време, во период од 2004 до 2020 година, јасно покажува дека има опаѓање на договорите на неопределено време. Бројките варираат, но од 2005 до 2019 има раст на договорите на определено време и истите значително повеќе се склучувале од договорите на неопределено време. Во 2020 година е намален број и на двата видови договори, но тоа се должи на последиците од пандемијата, поради која голем број на работници останаа без работа. Според податоците на Агенцијата за вработување, како последица на корона кризата, без работа останале 16.079 граѓани. 


Значително е намалена синдикалната густина

Долгогодишното следење на состојбите со синдикатите на професорот Андон Мајхошев покажало дека членството во синдикатите во Македонија е намалено. Според неговите податоци, во 90 -тите години од минатиот век 95 до 98 % од вработените биле членови на синдикат, но тогаш тие биле зачленувани со самото вработување. 

Денес тоа не е така, туку секој вработен којшто сака да членува во синдикат треба самиот да се зачлени во него. 

Во 2015/16 година, според податоците на професорот, синдикалната густина изнесувала 21.7 %, а во 2020 година таа се намалила на 17.9 %. Изразено во бројки, од 114 до 120 илјади од вработените во Македонија членуваат во синдикати. „Падот на синдикалната густина е резултат на зголемувањето на бројот на вработените во државата, за разлика од бројот на членовите на синдикатите кои бележи опаѓање“, додава професорот Мајхошев. 

Анализите покажуваат, вели тој, дека помеѓу 4 до 5,000 членови се наоѓаат во т.н. сива зона, односно не се водат никаде во евиденција. 

Фото: МИА