Колумни

Додека во ЕУ вработуваат според квалитет, кај нас сакаат да наметнат да вработуваат според етникум

Народот - Работник
167views

Република Македонија е една од ретките земји каде што политичарите ги менуваат ставовите од денес за утре. Мислам дека поради тоа во Европа ни се газат од смеење, бидејќи таквите потези покажуваат дека немаме сериозни политичари кои ја водат оваа земја. Уште по небулозно е тоа што сега се фатија околу етничките вработувања. Не можам да верувам што уште нема да направат за да останат на власт. Не се свесни дека со тоа што го прават, не помагаат во креирање на услови за соживот, туку ја продлабочуваат, веќе, за жал постоечката нетрпеливост помеѓу двата најголеми етникуми во Македонија.

Јас немам ништо против вработување на други етнички заедници во приватните компании. Впрочем, секој оној којшто поседува квалитети и образование за одредено работно место, треба да биде вработен. Јас немам слушнато за држава во Европа каде што вработуваат според национална или етничка припадност. Секаде бараат соодветни квалификации и вештини. Така да, со ваквите чекори на Владата, државата се уназадува, затоа што ова не се европски вредности. Она што им треба на граѓаните е да се субвенционира практична работа во некоја компанија, па на тој начин да стекнат вештини и да останат да работат во таа компанија. И доколку се случи да конкурираат некој Македонец и Албанец, кој ќе испадне поквалитетен, повешт и поснаодлив во работните задачи, тој треба да се вработи.

Сегашниот концепт на размислувања не води кон европската иднина која нашите политичари ја претставуваат, а не води ни до подобар соживот помеѓу етничките заедници. На пазарот на трудот има толку луѓе кои бараат работа кои истовремено имаат и квалификации, што не е фер да се спроведуваат етнички политики за вработување.

Доколку се донесе таква одлука да се субвенционираат етнички вработувања, сигурен сум дека малите и микро компании тоа ќе го искористат и нема да го гледаат квалитетот на работникот, туку профитот. Но, во поголемите компании тоа нема да биде така, затоа што поголем дел од нив соработуваат со странски компании кои бараат резултати од нив, па моја прогноза е дека тие и покрај субвенциите за етнички вработувања, ќе бараат квалификувани кадри.

Не знам веќе што да кажам, навистина е залудно да се зборува за потезите на оваа Влада. Се додека се прави се само за да се остане на власт, ќе стагнираме како држава, додека нашите соседи ќе лансираат сателити во вселената.   

И Антикорупциска излезе со став дека е против субвенционирањето на етнички вработувања и сметам дека овој став треба да се земе во предвид.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на порталот Работник

Бобан Илијевски