Доделени договори за грантови од 6.000 евра на 70 жени земјоделки

Набавка на пчеларска опрема, соларна сушара за овошје и зеленчук, машини за преработка, разладна комора, опрема за фарми и за винарии, се само дел од апликациите на жените земјоделки кои денеска ги добија договорите за грант од 6.000 евра.

На повикот се пријавија вкупно 132 жени, а од нив 70 ги исполнија условите за грант.

Како што рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски пред доделувањето на договорите, со средствата од грантот жените земјоделки може да купат опрема за винарство, линии за производство на сточна храна, опрема за производство на мед и пчелни производи, опрема за млинови, калапи за сирење и машини за преработка и мелење месо. Со тоа ќе можат, подвлече Николовски, да развијат и нови производи, нови брендови, како и нова додадена вредност во домашната економија и во руралните средини.

-Со овој втор јавен повик, предност им дадовме на жените кои се вистински земјоделки и на кои земјоделското производство им е основна дејност. Најголем интерес има за набавка на опрема за фарми и винарии, како и за производство на мед, маџун, преработка и сушење на овошје и зеленчук. особено ме радува што меѓу апликациите има и такви што предвидуваат набавка на соларни сушари, нешто што е современо решение со оглед на енергетската криза, истакна Николовски.