Доцни платата за вработените во делчевското комунално претпријатие, директорот Стојковски најави исплата во текот на денешниот ден

Јавното комунално претпријатие „Брегалница” од Делчево се уште ја нема исплатено септемвриската плата на вработените. Ова го потврдија група вработени кои велат дека до денеска 27 октомври се уште немаат примено личен доход за изминатиот месец.

Директорот на претпријатието, Стојче Стојковски потврди дека платата доцни, но воедно најави дека таа ќе биде исплатена во текот на денешниот ден.

-Вработените платата за месец септември ќе ја имаат на своите сметки денес. Причината за доцнењето е финансиската состојба во претпријатието, имаме зголемување на цените на нафта, на струја, а не зголемување на цените на услугите, освен што цената на водата е зголемена од претходниот месец, рече Стојковски.

Тој упати апел до вработените да имаат разбирање за ваквата состојба и да имаат трпение.

-Во наредниот период очекуваме со поддршка од Владата, од локалната самоуправа тоа да се среди. Очекуваме да се среди и состојбата со зголемувањето на струјата, веќе нема да бидеме на берза и да плаќаме поскапа струја, туку во однос на електричната енергија очекуваме да бидеме на регулирана тарифа, со што ќе се намалат трошоците за електрична енергија во прилична мерка, додаде Стојковски.

Комуналното претпријатие во моментот има околу 80 вработени, а доколку платата не биде исплатена, поголема група од нив најавуваат неизвршување на своите работни обврски во понеделник.