Државната помош во ТИРЗ се доделувала без проценка на исплатливоста

Во периодот од 2017 до 2021 година, Дирекцијата за ТИРЗ има доделено државна помош во вкупен износ од 75,5 милиони евра, од кои директно исплатените средства од буџетот на државата се 37,5 милиони евра, а даночните и царинските ослободувања се во износ од 38 милиони евра, се вели во ревизорскиот извештај за ТИРЗ објавен денеска од Државниот завод за ревизија.

Во Македонија се основани 14  ТИРЗ . Во периодот на вршење на ревизијата 8 од нив се во функција, од кои за ТИРЗ во Тетово е склучен договор за Јавно приватно партнерство. Неоперативни се 5  ТИРЗ , една ТИРЗ – Ранковце е отуѓена, а започнати се активности за основање на 3 нови ТИРЗ. Врз основа на Законот за индустриски – зелени зони, Владата на РСМ има основано 3 (три) Индустриски зони (ИЗ) од кои оперативна е ИЗ Косел.

Ревизијата покажа дека странските инвестиции во ТИРЗ имаат позитивно влијание за стопанството во РСМ и тоа преку воведување на нови производства и бизниси кои можат да привлечат  други компании, намалување на невработеноста, пренесување на знаење за нови технологии во производството и корпоративното управување, промоција на извозот на национално ниво, зголемување на трговијата и профитот кај домашните компании, создавање потенцијал за брзо преструктуирање на индустриите во регионот и трансформирање на економијата во извозник на стоки и услуги.

Доделувањето на државната помош е регулирано со комплексната законска регулатива, при што со ревизијата е констатирано дека одредени правни одредби не се прецизни, не се донесени подзаконски акти, а распределените надлежности во неколку државни органи ја отежнуваат контролата и координацијата и не овозможуваат целосен увид во вкупно доделената државна помош по корисник во државата.

-Со извршената ревизија и анализа на Годишните програми на Владата во периодот од 2017 до 2022 година, констатиравме дека активностите за привлекување на странските инвестиции во овој период не се вклучени во стратешките приоритети  за истото не е донесена Стратегија за привлекување на странски инвестиции, како што предвидува Законот за Владата на РСМ.

Државната помош се доделува како шема за помош или индивидуална помош за која е потребно одобрување од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Само во 2021 година, вкупниот износ на доделената државна помош изнесува 1.504.576 илјади денари (24,5 милиони евра), од кои директно исплатени средства од буџетот на РСМ се 731.842 илјади денари (11,9 милион евра), а доделените даночни и царински ослободувања изнесуваат 772.734 илјади денари (12,6 милиони евра).

Притоа, во извештајот е констатирано дека со Законот за контрола на државната помош како и донесените уредби од страна на Владата на РСМ не се утврдени поблиски и транспарентни критериуми за определување на висина на индивидуалната помош (број на странски инвестиции, број на вработени, извршени инвестициски вложувања и слични критериуми), при што државната помош се доделува без проценка на исплатливоста за утврдување на нејзиниот износ, без утврдена методологија за доделување, а со преговарање помеѓу овластените лица во Дирекцијата и корисникот на индивидуалната помош.

Инфраструктурните инвестиции во зоните се во надлежност на Дирекцијата, која согласно Законот за градење, има добиени одобренија за градење за целата зона како функционална целина. ТИРЗ и ИЗ се основани на земјиште во сопственост на РСМ со вкупна површина од 847 хектари, од кои 512 хектари се корисна површина (парцели за издавање на корисниците), а под долгорочен закуп се издадени 153 хектари или 30 отсто од вкупната корисна површина. Извршените инвестициски вложувања од страна на Дирекцијата во сите зони во РСМ со состојба на 31.12.2021 година се проценети во вкупен износ од 6.152.930 илјади денари (околу 100 милиони евра).

Како резултат на недонесени стратешки и програмски документи, на површина од 153 ha или на 30 отсто од вкупната корисна површина во периодот од 2012 до 2021 година од страна на Владата на РСМ основани се зони кои не се ставени во функција и не се оперативни и во кои од страна на буџетот на Дирекцијата се вложени средства за основната внатрешна инфраструктура и експропријацијата на земјиштето во вкупен износ од 393.686 илјади денари, односно 6,4 милиони евра, или 6 отсто од вкупните инвестиции. Најголемите инвестициски вложувања во нефункционални зони се извршени во Гевгелија, Делчево и Кратово.

Врз основа на Одлука од Владата на РСМ со ЈПП основана е ТИРЗ Тетово, при што договорот за ЈПП со приватниот партнер е склучен на 96 години, иако со законската регулатива е определено максималниот период да изнесува 35 години, сметано од денот на склучување на договорот. Со договорот за ЈПП, јавниот партнер е обврзан да обезбеди стручна единица за управување со проектот во целото времетраење на договорот која истовремено има својство на претставник на јавниот партнер и контакт тело за приватниот партнер. Дирекцијата во ТИРЗ Тетово има распоредено 7 лица, при што истите немаат работни обврски и не извршуваат активности поврзани со реализација на договорот за ЈПП, ниту се членови во наведената стручна единица, чија задача е да врши надзор и да помага во обезбедувањето на успешна имплементација на проектот. Овие состојби влијаат на законитоста и регуларноста на склучувањето на договорот за ЈПП и следење на неговата реализација.

Во 2015 година, врз основа на донесена Одлука за започнување на постапка за отуѓување на градежно земјиште од Владата на РСМ, склучен е договор за отуѓување на градежно земјиште на ТИРЗ Ранковце. Со договорот било предвидено градење на целокупната внатрешна инфраструктура во рамките на зоната, во рок не подолг од 92 (деведесет и два) месеци од солемнизацијата на договорот и реализација на минимум 2.000 нови вработувања. Поради не започнатата изградба во предвидениот рок, со решение од март 2019 година Одобрението за градба во ТИРЗ Ранковце е прогласено за ништовно со што одредбите од договорот не се реализирани.

„Со ревизијата констатиравме дека кај купувачот/инвеститорот се направени поголем број на статусни измени, а меѓу другото променет е називот на фирмата. Во април 2021 година врз фирмата e отворена стечајна постапка и истата не располага со имот за наплата на договорните казни предвидени со договорот. Ова состојба укажува дека купувачот ги нема исполнето одредбите од договорот, поради што не се постигнати целите кои треба да придонесат за зголемување на инвестициите и вработувањата во РСМ во тој регион, како и неизвесност и неможност на наплата на договорна казна предвидена во договорот за отуѓување на градежно земјиште“, се вели во извештајот.

ТИРЗ Ранковце е единствен случај каде врз основа на промена на законската регулатива, извршено е отуѓување на земјиштето, додека кај останатите ТИРЗ во државата, земјиштето се дава под долгорочен закуп.

Директорот на Дирекцијата нема назначени овластени лица од редот на вработените кои би вршеле надзор над ТИРЗ и над корисниците, како што е предвидено во Законот за ТИРЗ што може да влијае на ненавремена контрола, откривање и спречување во случај на незаконско работење на корисниците и го зголемува ризикот од работењето на корисниците особено во делот на вршењето на дејностите во зоните кои се забранети и кои можат да се проверат исклучиво со увид на лице место. Согласно регулативата основачот на зоната е должен да го загради, уреди и означи просторот на зоната и да обезбеди без надоместок простории потребни за работа на царинскиот орган.

„Констатиравме дека единствено во ТИРЗ Скопје 1, Царинската управа има воспоставен царински надзор со отворена Царинска испостава, а во останатите зони како и зоната основана со ЈПП во Тетово користат услуги од најблиската царинска испостава која вообичаено е лоцирана во најблискиот град, односно во самите зони не е воспоставен царински надзор. Со ревизијата се истакнува дека е зголемен ризикот од можни грешки и злоупотреби при царинскиот надзор, особено имајќи ја во предвид оддалеченоста на некои од царинските испостави во РСМ од зоните, а притоа имајќи го предвид фактот дека бројот на корисниците во 2022 година е зголемен , а со тоа и прометот на стоки кои влегуваат и излегуваат од зоните кои се ослободени од ДДВ при увоз на земјата како и царинските давачки“, се вели во ревизорскиот извештај.

Со ревизијата констатирано е дека Дирекцијата ангажира лица по договор за дело чии број низ годините се менувал.

„Во периодот на вршење на ревизијата, активни се 72 договори за дело, односно бројот на ангажирани лица по договор за дело е речиси еднаков со бројот на редовно вработените лица (85), а половина од договорите се склучени со лица кои подолго од 24 месеци биле ангажирани. Оваа состојба претставува ризик за континуираното и квалитетно извршување на работните задачи поради времениот карактер на нивното ангажирање. Истата е спроведена како пилот ревизија во рамките на твининг проект со врховните ревизорски институции на Република Бугарија и Република Хрватска, финансиран со средства од ЕУ“.

Инаку, ревизијата го опфати периодот од 2015 до 2021 година, но одредени области, прашања, настани и анализи се опфатени пред 2015 година и последователно до денот на известување од извршената ревизија. гионален развој во државата.