Правда

Собранието усвои построг закон за коцкање: Казината 500 метри подалеку од училиштата, ГПС на секој апарат

Собранието го усвои новиот Закон за игрите на среќа и забавните игри, со кој се воведуваат значително построги правила за работа на казината, автомат клубовите и приредувачите на електронски игри на среќа. Според новите одредби, овие објекти ќе можат да работат само ако се наоѓаат на најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Обложувалниците се изземени од ова правило, но во нивните уплатно-исплатни места во близина на училишта нема да смее да има видеолотариски терминали и терминали за електронски игри на среќа.

Законот предвидува и строги ограничувања за рекламирањето, со забрана коцкањето да се прикажува како пат до финансиски успех, решавање економски проблеми или општествен престиж. Не ќе биде дозволено ниту користење познати личности во реклами што асоцираат дека нивниот успех е поврзан со игрите на среќа. Една од клучните новини е и обврската секој автомат и видеолотариски терминал да има ГПС-уред поврзан со Управата за јавни приходи, со цел постојан надзор и спречување нелегално поставување.

Со измените се укинува можноста една лиценца да важи за повеќе деловни простории, а операторите ќе плаќаат посебни надоместоци за секој нов објект и ќе мора да обезбедат повисоки банкарски гаранции. Во законот се вградени и препораките на MONEYVAL за посилна контрола против перење пари и финансирање тероризам. Сепак, мерките предизвикаа реакции во индустријата, од каде предупредуваат дека затворање на легални објекти може да остави без работа околу 10.000 луѓе и да поттикне раст на сивата економија.