НовостиПравдаСветот на работникот

ДУИ: Инцидентот во М-НАВ неправедно се обидува да се припише на нас, а се работи за конфликт меѓу колеги

   Време за читање 1 минута

Еден ден по насилниот упад на непознати лица во објектот на Македонската навигација, со кој се поврзува и актуелниот претседател на огранокот на ДУИ во Чаир и вработен во М-НАВ, Беким Незири, денеска од Демократската унија за интеграција излегоа со прва официјална реакција за инцидентот.

Настаните во М-НАВ од партијата ги оценија за вознемирувачки и ја осудија секоја форма на насилство, но обвинија дека инцедентот неправедно се обидува да ѝ се припише на ДУИ.

„Инцидентот кој се обидува неправедно да ѝ се припише на ДУИ е резултат на нарушени и заладени односи меѓу колегите во работната средина и нема никаква врска со политичкo прашањe, а уште помалку со ДУИ. Станува збор за несогласување меѓу колегите и во никој случај не треба неправедно да се меша партиска политика. Ја осудуваме тенденцијата за постојано мешање на партиите во секоја приватна секојдневна работа“, посочија од ДУИ во партиската реакција за инцидентот во М-НАВ.

Дополнително, од партијата побараа истражните органи целосно да го расчистат случајот.