МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

Еве кои ЗАКЛУЧОЦИ ги донесе СОНК во однос на реформите во образованието

Еве кои ЗАКЛУЧОЦИ - Работник
187views

На 12-01-2021 година Советот на СОНК, во проширен состав, on-line ја одржа својата 24-та редовна седница, на која што беа разгледани повеќе прашања за актуелни состојби во детските градинки, основното, средното, високото образование и наука, како и културата.

Како дел од активностите на СОНК, кои беа предмет на расправа во синдикалните организации на СОНК во основните училишта, секако и како една од актуелните теми беше Нацрт-Концептот за реформи во основното образование. Советот на СОНК, по опширната расправа темелејќи ја на доставените записници од синдикалните организации, констатира дека СОНК ја поздравува иницијативата за реформирање на образованието и смета дека истата е неопходна, но избрзана, без создавање на неопходни услови за непречено одвивање на истата, без претходнo отстранување на слабостите за нејзино успешно реализирање и со многу неодговорени прашања и детали во самиот документ Нацрт-Концепт за реформи во основното образование.

Од погоре наведените причини, Советот на СОНК донесе заклучок, во интерес на поуспешно реформирање на основното образование, дека треба оваа иницијатива да се одложи или да се спроведат пилот училишта во кои би се отпочнала истата и врз основа на резултатите во тие училишта да се детектираат и отстранат евентуалните слабости, да се констатираат добрите страни, а потоа да се преземат чекори за спроведување на реформите.

На оваа седница Советот на СОНК го отвори и прашањето околу веќе објавениот јавен повик за кариерен развој на наставниците во основно образование, поточно за наставници ментори. И по однос на ова прашање, членовите на Советот на СОНК  го поздравуваат овој чекор на МОН, што впрочем е и заложба на СОНК уште со потпишаните колективни договори во кои се предвидени напредувања на наставниот кадар, но смета дека е избрзан чекор, без доволен временски период за аплицирање, дискриминаторски во однос на наставниците во средното образование. Исто така, спротивен  на Правилникот за начинот на формирање на комисиите и нивниот број, проценување  на пристигнатите апликации и документација на наставниците за стекнување на звањето наставник-ментор и наставник-советник, бодирањето на кандидатите, ранг листата, како и начинот на работењето на комисиите.

Советот на СОНК, по однос на овие две многу важни прашања, донесе заклучок дека истите треба да се преточат во документ, кој ќе биде доставен до министерот за образование, а во исто време да се побара и работна средба, на која ќе  се пренесат ставовите на СОНК.

Дел од членовите на Советот го отворија и прашањето за зголемување на работното време на воспитувачите и негувателите во некои градинки односно работно време во група со деца. Заклучокот беше дека треба што поскоро да се искористат правните механизми за одбрана на правата на работниците.

Советот на СОНК беше информиран од страна на претседателот дека Колективниот договор за високо образование и наука е во завршна фаза на изработка и се очекува истиот да биде потпишан во најскоро време.

Заклучоците кои се испратени до МОН може да ги погледнете тука.

Извор: СОНК

Advertisement