МакедонијаСветот на работникотСиндикат

Ексклузивно: Еве кои се препораките на СОНК за одвивањето на учебната година

Ексклузивно: Еве кои се препораките - Работник
641views

Самостојниот синдикат за образование,наука и култура – СОНК до Министерството за образование и наука поднесе свои препораки за тоа како треба да се одвива идната учебна година во услови на пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19. 

Порталот Работник преку извори од СОНК ги доби препораките во кои СОНК има наведено како смета дека треба да се одвива идната учебната година. 

СОНК смета дека најважна мерка за контрола на инфекцијата е хронично болните вработени во основните и средните училишта да останат дома. Во сетот на препораки се наведува дека Хигиената на кашлање и кивање и одржување на соодветна дистанца се клучни за спречување на ширење на вирусите и другите микроорганизми, како и хигиената на раце, избегнување на допирање на лицето со нечисти раце.

СОНК предлага Министерството за образование и наука да подготви унифицирана скратена наставна програма која би се однесувала на сите училишта кои би работеле во услови на пандемијата од коронавирусот. Од СОНК сметаат дека општините треба да направат детална анализа на заболени граѓани од Ковид – 19 во нивните општини и процена на ризикот од понатамошно ширење на вирусот. Нивна препорака е во општините каде што нема заболени од коронавирус или има многу мал процент на заболени да се изведува наставата со физичко присуство на наставниците и учениците, со почитување на мерките за заштита од Ковид – 19 и со скратена наставна програма. Во општините каде што има голем процент на заболени од вирусот и каде постои голем ризик за проширување на истиот, СОНК предлага да се воведе настава по скратена програма и да се редуцира бројот на учениците во паралелка. Според СОНК, тоа значи дека во паралеки каде што има повеќе од 20 ученици наставата да се одвива во 2 групи и по скратена програма, додека во училиштата кде што паралелките се со помал број на реченици, СОНК предлага да се работи со скратена програма, а наставните часови да бидат во времетраење од 20 миниути.

СОНК предлага и училиштата да ги користат сите заштитни мерки коишто се препорачани од Комисијата за заразни болести, особено за одржување на соодветна дистанца, одржување на хигиена, носење на заштитни маски и ракавици. Од СОНК препорачуваат наместо заштитни маски, на вработените и учениците да им се обезбедат заштитни визири, поради тоа што сметаат дека се попрактични за подолготрајно користење. 

Во однос на одморите, СОНК предлага тие да се користат „скалесто“, односно на растојание од 10 минути на секоја паралелка. Според синдикатот, со тоа би се избегнало во ист временски период училишните тоалети и ходници да бидат исполнети со ученици и би можело да се одржува физичка дистанца.

СОНК во сетот на препораки наведува дека доколку се прифати предлогот за поделба на паралелките во две групи, да се внимава на фондот на часови на наставниците за евентуално да не се дојде во ситуација да се дуплираат. Препорачуваат доколку се планира да се изведува и онлајн настава, истата да биде по претходно максимално обезбедени технички услови за работа (обезбедување на лаптопи за наставниците, бесплатен интернет, камера, табла за демонстрирање). 

Предлог на СОНК е преку мерките, да се изнајдат можности за згрижување на учениците од целодневна настава или дневен престој. Да се забрани влез на родителите во училишните згради, а комуникацијата помеѓу родителите и наставниците да се одвива исклучиво преку средствата за електронска комуникација. Од СОНК препорачуваат да се забрани присуството на учениците и наставниците во училишната зграда без заштитна маска. Сметаат дека училиштата треба да имаат на располагање заштитни маски во случај ако некој од учениците нема маска или истата ја изгуби, се со цел да не бидат остранети од настава. 

Од СОНК во сетотот на препораки додаваат дека во средните каде што се врши транспорт на ученици да се води сметка истиот да не се одвива во поголем број, односно да се направи посебен протокол за безбедноста на учениците при нивниот транспорт од и до училиште. 

Од СОНК порачуваат дека сведоци сме на тоа дека и покрај придржувањето кон сите мерки за заштита, сеуште се појавуваат нови случаи на Ковид -19, како и други инфекции. Но, колку помалку се придржуваме кон мерките, толку помала е и безбедноста, а ризикот за ширење на инфекцијата постои. 

Бобан Илијевски