ЕСМ го зголеми производството на струја, целосно се покриени потребите на домаќинствата и на малите компании

АД ЕСМ на 17.10.2022 година произведе 12.660 MWh електрична енергија, соопштија од Владата. Од компанијата се посочува дека во термоелектраните РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино се произведени 12.253 MWh, а во хидроелектраните и во Ветерниот парк Богданци 407 MWh.

„АД ЕСМ на 17.10.2022 година целосно ги задоволи потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од сопствени, домашни капацитети“, се вели во соопштението, во кое се додава дека податоците се од Диспечерскиот извештај на компанијата.

Согласно договорот на ЕСМ Продажба на 12.10.2022 година за продажба на 1.200 MWh вишоци на електрична енергија за периодот 13 – 18 октомври 2022 година со Макстил-Дуферко МК, утрово се продадени последните 200 MWh. Станува збор за електрична енергија произведена во период од 2 до 6 часот за која Макстил-Дуферко МК во конкуренција на уште две други компании (ЕТМТ и ДАНСКЕ) понуди цена од 135,7 евра од мегаватчас, информираа од ЕСМ.