МакедонијаПравдаСветот на работникот

ЕСМ: Се истражуваат причините за несреќата во која загина работникот во Суводол

ЕСМ: Се истражуваат причините - Работник
57views

Во врска со трагичниот настан во рудникот за јаглен Суводол, во кој животот го загуби работник Вецко Костадиновски, извршувајќи ги редовните работни задачи, денеска итен состанок во РЕК Битола одржаа Управниот одбор на АД ЕСМ и стручниот колегиум на РЕК Битола за утврдување на околностите и преземање на сите потребни мерки по несреќниот случај.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, во изјава за медиумите изрази длабоко сочувство до семејството на починатиот.

-Загубивме чесен и вреден работник, често наградуван, кој беше пример и беше секогаш на ниво на своите задолженија. Како компанија ќе преземеме се да му помогнеме на семејството и неговите најблиски во овие најтешки моменти за нив и ќе бидеме тука и во иднина, рече Ковачевски.

Според него, Управниот одвор утринава ја прекина седницата која ја одржуваше во Скопје и веднаш дојде во РЕК Битола на итен состанок.

-Тука се сите директори и заедно со директорот и стручниот колегиум на РЕК Битола сме тука за на лице место да ги видиме сите околности. Првите согледувања се дека се почитувале сите протоколи и прописи за заштита при работа, но ќе се формира комисија која ќе го истражи настанот и ќе се земат предвид сите околности. Тоа што е познато е дека несреќата е настаната во ноќните часови на третата смена, односно околу 2 часот изутрината. При несреќата немало други присутни работници, настанот е случен во движење, на место оддалечено од другите работни позиции и тоа уште повеќе ни отежнува во овој момент за да дознаеме која е вистинската причина за оваа трагедија. Извршен е увид од сите надлежни државни служби и очекуваме да бидеме известени за утврденото и од нивна страна, истакна Ковачевски.

Директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски, нагласи дека РЕК Битола денес загуби чесен и вреден работник.

-Во трагичен настан во Рудникот Суводол изгубивме колега кој бил дел од комбинатот од 2012 година, пред неколку години унапреден во ракувач на градежна машина, прва група и награден за навремено и квалитетно извршување на работните задачи во јуни годинава. Во името на Комбинатот изразувам длабоко сочувство до семејството и блиските на покојниот. РЕК Битола и АД ЕСМ ќе ја дадат сета можна поддршка на семејството, иако сме свесни дека ништо нема да го надомести изгубениот живот. Од досегашните сознанија, утвредено е дека булдозерот кој го управувал работникот Вецко Костадиновски се превртел во провалија во Рудникот Суводол, додека извршувал редовна работна задача – поместување на транспортна лента за јаловина, рече Ќурчиевски.

Трагичниот настан се случил во ноќните часови, во текот на третата смена.

-Според првичните сознанија, биле запазени сите мерки за безбедност и заштита на работникот, согласно сите прописи. Што се однесува до булдозерот, истиот бил во исправна состојба и со извршен редовен сервис во март оваа година. Полиција, истражен судија и обвинител, извршија увид на лице место, по што ќе бидат утврдени околностите во кои се случи несреќата. Телото на покојниот е предадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта. Имајќи предвид дека Рудникот Суводол неодамна беше погоден од елементарна непогода, сакам да додадам дека несреќата не е директно поврзана со санационите активности што таму се изведуваат. Уште еднаш, изразувам длабоко сочувство до семејството на починатиот колега, изјави директорот Ќурчиевски. 

Извор: Сител