Светот на работникот

Започнала бизнис од нужда, денес на 21 година заработува 9.000 евра месечно

Шарлот Бозанке – за некои, непознато име, а за други – инспирација и пример за успех. Оваа 21-годишна девојка од Австралија денес заработува околу 9.000 евра месечно, и тоа работејќи само пет часа дневно.

На прв поглед, нејзината работа можеби изгледа лесна и без големи предизвици, особено бидејќи не бара претходно искуство. Но, реалноста е сосема поинаква – ретко кој се осмелува да ја врши. За Шарлот, чистењето е „терапија“, а нејзиниот личен принцип е: „Секогаш велам – колку е повалкано, толку подобро.“

Сè започнало во времето кога студирала, а за дополнителна заработка работела како професионална чистачка. Како што наведува шпанскиот весник El Economista, со тек на време сфатила дека ѝ причинува особено задоволство трансформацијата на запуштените и валкани домови.

Нејзината првична желба била да стане полицајка, но животот ѝ понудил поинаква насока. Клучниот момент се случил за време на пандемијата со коронавирусот, кога останала заглавена во странство еден месец и го изгубила својот претходен ангажман. Тогаш ја основала својата компанија за чистење — Care Cleaning Agency — и открила колкава е побарувачката за доверливи работници во Сиднеј, Австралија.

Неколку недели по започнувањето на бизнисот, била „преплавена“ со стотици барања од клиенти кои очајно барале нејзини услуги.

Она што започнало како финансиска нужда во тежок период од животот, денес е успешна компанија со девет вработени, специјализирана за длабинско чистење на крајно запуштени простории, особено на домови на лица кои се соочуваат со проблем на прекумерно собирање работи.

Иако работата е и физички и ментално напорна, таа е и многу добро платена. Работниот ден трае само пет часа (од понеделник до петок), а викендите се слободни – нешто што Шарлот го вовела за благосостојбата на својот тим. Најголемиот дел од своето време го посветува на менаџирање и надгледување на работењето.

На само 21 година, Шарлот веќе ја има купено својата прва куќа и финансиски е постабилна од многу нејзини врсници. Нејзината животна приказна стана вирална на социјалните мрежи, а таа често потенцира дека луѓето „ги потценуваат оние што чистат“ и не го сметаат тоа за вистинска професија – но според неа, тоа е една од најнапорните и најисполнувачки работи што ги има направено.

„Потешко е отколку да студираш со полно работно време, барем за мене. Но, на крајот од денот, со чистење се заработува повеќе отколку со класичните девет-до-пет работни места,“ вели таа. „Знам дека не е за секого и дека не секој сака да риба бањи, но мене тоа ме исполнува.“

Извор: Bizportal.rs