НовостиСиндикат

Зајакнување на работниците со цел за подобро информирање, консултирање и учество во секторот земјоделство

   Време за читање 5 минути

Проектот со наслов “Зајакнување на работниците со цел за подобро информирање, консултирање и учество во секторот земјоделство” има за цел да го унапреди информирањето, учеството и консултирањето на работниците во секторот за земјоделство. Партнерите во проектот се синдикатите и организациите на работодавачите од пет земји членки на ЕУ и две земји кандидати (Италија, Шпанија, Полска, Словенија, Бугарија, Србија и Македонија), а финансиски е поддржан од Европската комисија.

Проектните активности вклучуват детално истражување на процедурите за учество во земјоделството, размена на добри пракси, подготвување на различни информативни и едукативни материјали и низа работилници и тркалезни маси.

Учеството на работниците вклучува различни облици на процедури за информирање и консултирање, кои произлегуваат од европските директиви и националното законодавство и пракса, со цел вклучување на работниците во донесувањето на одлуки на ниво на компанија за прашањата кои влијаат врз нивните работни услови, како и врз нивните економски и социјални интереси.

Истражувањето кое беше спроведено во седумте земји учеснички ги потврдило почетните хипотези дека процедурите за информирање и консултирање се поретки и послабо развиени во земјоделството отколку во другите сектори во стопанството. Ова воглавно се објаснува со специфичната структура и обрасците за вработување во земјоделството, бидејќи во секторот во голем дел од земјите доминираат мали, семејни домаќинства, додека несигурните услови за работа, па дури и непријавена работа, се распространети, особено помеѓу сезонските работници и работниците мигранти. Ниската стапка на синдикално организирање во секторот претставува дополнителен предизвик за поширока примена на процедурите за учество на работниците, бидејќи најчесто ги иницираат и водат синдикатите како претставници на работниците во процесот.

Пандемијата КОВИД-19 силно влијаела врз земјоделството во сите земји што се опфатени со истражувањето, но нејзиниот ефект врз учеството на работниците бил различен. Во некои земји пандемијата имала негативно влијание врз учеството на работниците, додека во другите таа довела до поинтензивна размена на информации и консултации помеѓу работодавачите и работниците.

Додека секторот за земјоделство е соочен со специфични предизвици поради климатските промени, технолошкиот развој и напорите на ЕУ да развие економски и еколошки одржливо производство на храна, собраните докази укажуваат дека потенцијалот на учеството на работниците во поддршка на зелената транзиција на секторот на земјоделство често е недоволно разбран и искористен. Како резултат од тоа, економските, демографските и климатските предизвици често значат дека фокусот на заинтересираните страни не е на учеството на работниците, додека всушност би требало да служат како дополнителна причина за развој и подобрување на постоечките механизми за информирање и консултирање, коишто можат да помогнат во решавањето на овие предизвици.

Истовремено, земјоделските работници веќе директно ги чувствуваат последиците на екстремните временски услови, кои дополнително ги влоршуваат здравствените ризици кои традиционално се поврзани со овој сектор. Земјоделството бележи поголем број на несреќи и заболувања на работното место отколку во повеќето други сектори, а причините за тоа, помеѓу останатото, се интензивен физички напор, употреба на машини и хемикалии и изложеност на природните елементи. Високиот удел на таканаречените “кафеави работи”, односно работи коишто се однесуваат на високо загадувачки дејности и поради тоа бараат значителни структурни промени за да станат климатски неутрални, значи дека општествената правичност на зелената транзиција предвидена со Европскиот зелен договор ќе претставува посебно сериозен предизвик за овој сектор.

Меѓутоа, општествената правичност на оваа транзиција ќе бара вклучување на работниците во креирањето и спроведувањето на нејзините политики и мерки, вклучително и на ниво на поединечни компании. Работниците коишто се информирани и консултирани за таквите одлуки имаат поголема веројатност да бидат поддршка во нивната примена, особено доколку во тој процес се решава нивната загриженост за безбедноста на работата и квалитетот на условите за работа.

Резултатите од истражувањето што бeше спроведено во рамките на проектот AGRI-EW, како и националните и меѓународните работилници и дискусии, преведени се во низа различни информативни и образовни резултати, вклучувајќи практичен прирачник за подобрување на учеството на работниците во земјоделството, платформа за е-учење за истите теми, подкаст и разни други статии и материјали на оваа тема. Со оглед дека пред овој проект не постоело доволно истражувања и материјали за учеството на работниците по сектори, овие резултати можат и треба да ги искористат заинтересираните страни во земјите учеснички и други европски земји во следните години, со цел подобрување на процедурите за информирање и консултирање во земјоделството.