Вести

Згодните мажи напредуваат повеќе во кариерата од привлечните жени

Новото истражување го довело во прашање мислењето дека жените го користат својот физички изглед за напредување во кариерата, покажувајќи дека мажите всушност имаат поголема корист од својата физичка привлечност на работното место.

Неодамнешната студија на повеќе од 11,000 Американци, спроведена во текот на 20 години, покажала дека поголема е веројатноста згодните мажи да добијат подобри работни места и да заработат повеќе пари од привлечните жени.

Во 1993 година, двајца социолози од Универзитетот во Осло и полската Академија на науките идентификувале млади Американци помеѓу 12 и 18 години користејќи податоци од Националната лонгитудинална студија за здравјето на адолесцентите.

Алеки Гугушвили и Грегор Булцак ги забележале демографските податоци и социо-економскиот статус на учесниците, а потоа замолиле група на волонтери да ја оценат физичката привлечност на учесниците на скала од 4 точки: многу привлечно, атрактивно, непривлечно и многу непривлечно.

Во извештајот, Гугушвили и Булцак објасниле дека одлучиле истражувањето да го засноваат врз перцепцијата на привлечност на адолесцентите бидејќи возрасните веќе имаат финансиски средства за да го манипулираат или подобрат својот физички изглед, на пр. со пластична операција.

Напредување на основа на изгледот во тинејџерски години

Две децении подоцна, кога учесниците влегле во доцните 30-ти години, истражувачите ги споредиле оценките за привлечност на 15 годишните испитаници со нивниот сегашен статус во кариерата.

Откриле дека оние кои најбрзо напредувале на корпоративната скала и заработиле најмногу пари биле мажите кои како тинејџери биле сметани за „многу привлечни“.

Дури и со потенцијалните препреки како што се доаѓањето од домаќинства со ниски примања или растење во опасен крај, привлечните мажи успеале да постигнат напредок.

Привлечните жени имале блага предност во своите кариери во однос на другите кои се сметани за помалку привлечни, а мажите виделе најголема корист од својот физички изглед, се наведува во извештајот, пренесува CNBC Make It.

Тоа сугерира дека кај мажите привлечноста игра значајна улога во професионалниот успех, било да се работи за зголемување на платата, унапредување или пристап до поконкурентни работни места, навел Гугушвили.

Двојните стандарди би можеле да ги попречуваат жените

Други истражувања покажале дека луѓето користат многу карактеристики за да ги опишат силните и способни мажи лидери.

Не е случајно што многу американски претседатели, на пример, биле мажи кои се баш високи. Склони сме кон тоа да претпоставиме дека некој кој е јак, висок или изгледа подобро од своите врсници, е поспособен да води, што жените автоматски ги става во неповолна положба, рекла Џени Блументал, основач и извршен директор на компанијата „Corporate Rehab“, консултантска фирма за лидери.

Гугушвили и Булцак откриле дека привлечноста кај жените обично ја карактеризираат „слаби“ женски особини, како пасивност, пријатност, нежност и љубов.

Гугушвили исто така истакнал дека некои корпоративни култури ги фаворизираат машките особини – од мажите се очекува да предничат со одлучноста, додека жените се обесхрабруваат да преземат работни места со високо ниво на авторитет.

Со други зборови, привлечната жена не е компатибилна со вкоренетите стереотипи и очекувања кои луѓето можат да ги имаат од деловните лидери.

Блументал, поранешен извршен директор на „Fortune 500“, вели дека жените лидери влегуваат во „замка на допадливост“.

Морате да бидете доволно допадливи за да бидете повикани на маса, но не толку допадливи за да ве сметаат за попустливи или неквалификувани за лидер. Сѐ уште постојат овие ограничувања од родовите предрасуди кои ги немаме надминато, вели таа.

За жените убавината може да биде обврска

Атрактивните жени можат да се соочат со поголеми казни на работното место поради својот изглед од машките колеги.

Други истражувања покажале дека на атрактивните жени често се гледа како на помалку способни или помалку квалификувани за своите позиции од колегите, а во екстремни случаи тие влеваат и помала доверба. Атрактивните мажи не се соочиле со слични последици кога станува збор за нивниот физички изглед.

Жените чувствуваат толку голем притисок за да ги модифицираат и контролираат своите тела, што речиси нема место за грешка, рекол Ренди Браун, извршен тренер и автор на бестселерот „Something Major: The New Playbook for Women at Work“ (Нешто големо: Новиот прирачник за жените на работните места).

Жените се држат до одредени стандарди на привлечност и често се казнувани кога нема да успеат да се приближат до тој стандард, додал тој.

Гугушвили тврди дека родовата рамноправност во САД, генерално гледано, би можела да ги искриви резултатите од нивното истражување.

САД го зазел 43-то место меѓу 143 земји вклучени во глобалниот индекс на родовиот паритет на Светскиот економски форум за 2023 година. Рангирањето е одредено на основа на недостатоците во четирите главни области: работа, образование, здравство и политичко водство.

Тоа би можело да биде една од причините зошто нееднаквостите помеѓу привлечните мажи и жени се манифестира на работните места во САД на толку очигледен начин. Би било интересно да се види дали истото прашање постои во егалитарните земји, како Финска и Данска, рекол тој.

Финска го зазела третото место на индексот, додека Данска е 23 -та на листата.  

Извор: BIZLife

Фото: Freepik