Колумни

Зголемувањето на цената на струјата ќе го забрза иселувањето по корона кризата

Зголемувањето на цената - Работник
297views

Во период кога народот едвај преживува, невработеноста постојано расте, а работниците остануваат без пари, поради тоа што газдите им ги крадат, Регулаторна комисија за енергетика решава да ја зголеми цената на струјата за 7,4 %. Јас досега во ниедна држава на Европската унија не видов кренати цени на основни потреби, како што е струјата. Сето ова што се прави во Македонија, мене ми наликува на пародија, а воедно и Една трагикомична драма. Страшно и жално е ова што му се прави на народот. Секоја партија којашто дошла на власт, од осамостојувањето на Македонија, гледала само за себе и своите најблиски, а не за народот, преку кој дошле на власт. А, народот сеуште не губи надеж.

Сите се надеваат на подобар живот, економска и социјална стабилност и душевен мир, но по се изгледа ќе треба уште да почекаат за да ги добијат овие работи. Со зголемувањето на цените на струјата и другите неопходни добра, а притоа без зголемување на плати, неисплаќање на целосни плати, ние не можеме да имаме ниту една од горенаведените работи. Ќе има само нервози. Аптеките ќе имаат повеќе побарувања за лекови за смирување.

Народот ќе стане по очаен и депресивен, а оние коишто можат, веднаш по исчезнувањето на коронавирусот ќе заминат надвор од државата и ќе одат некаде каде се гледа за народот, а не само за интересите на одредени поединци од политичките кругови и тајкуни. Енергетските компании ќе се полнат со пари, на сметка на психичкото здравје на народот. Јас како претставник на младата популација на ова мало парче од држава, сметам дека наместо да зголемуваат цени на струјата, треба да зголемат плати, пензии и убаво да ги казнуваат газдите во приватниот сектор кои секојдневно ги кршат работничките права. Слушаме ветувања дека ќе ги вратиле назад оние кои заминале на печалба во странство. Кога ќе го слушнам ова ми иде да се
отцепам од смеење. Какви небулози зборуваат само човече. Јас не знам како со влошување на условите за живот ќе вратите луѓе кои земаат по 5,000 евра плата, од странство. Не знам дали знаете, ама тие се кинат од смеење на вашите небулозни изјави. Знаете вие, но се правите наудрени, впрочем така и ви одговара.

Да беше Македонија правилна демократска држава, сега сите од Регулаторна требаше да си поднесат оставки и да се изберат новите членови, но ние тој филм не го гледаме. Далеку сме ние од демократска држава, можеби имаме елементи од демократија, но истата нр владее во нашата држава.

Имам потреба тука да се осврнам и на една изјава што ја прочитав на порталот на телевизија Телма од еден од газдите кои им ги украдоа парите на работниците. Тој за Телма вели дека немал пари и затоа не им исплатил плати. Добро еве, ако немаш пари зошто тогаш воопшто работиш или имаш пари само за тебе, а на работниците кои ти го донеле профитот немаш пари да им ги исплатиш платите. Тоа е навистина алчно и сурово, воедно и не е хумано воопшто. Не можам да разберам како не ви е жал за работниците. И тие имаат семејства. Имаат деца кои имаат свои соништа и аспирации. Имаат болни родители на кои треба да им купат лекови, а сите знаеме дека некои луѓе голема сума на пари трошат за лекови. Имаат сметки за плаќање, треба на масата храна да имаат, треба средства за хигиена да набават…

И јас како млад интелектуалец и граѓанин на Македонија им давам поддршка на сите граѓани, здруженија, синдикати, организации и така натаму, во барањето да се смени одлуката на Регулаторна комисија за енергетика и да не се зголемува цената на струјата, туку да се намали. Доколку нешто треба да се зголеми во оваа држава е стандардот за живот на луѓето и со тоа да се подобри нивната и те како лоша ситуација. Кога ќе имаме високи плати, е тогаш може да зборуваме за зголемување на цените на добрата и производите и тогаш народот нема да се буни, бидејќи сите ќе бидат задоволни од економската и социјалната ситуација во државата.

Ставовите изразени во колумната се дело на авторот и во ниеден случај не ги изразуваат официјалните ставови на порталот Работник