Може ли ласкањето да ви донесе унапредување на работа?
Старата народна изрека вели дека „убавиот збор и железна врата отвора“. Во деловниот свет, каде што влоговите често се големи – без разлика дали станува збор за договор кој може да ја спаси компанијата или за унапредување во кариерата – ласкањето и покажувањето почит често се користат како стратегија.
Но, колку далеку треба да се оди во обидот да се придобие некого? Одговорот зависи од природата на односот и начинот на кој се упатуваат комплиментите, објаснува за CNBC Мет Абрахамс, предавач по стратешка комуникација на Универзитетот „Стенфорд“ и автор на популарниот подкаст „Think Fast, Talk Smart“.
Искреноста е единствената функционална опција
Обидите да се придобие наклонетоста на соговорникот, односно отвореното покажување почит и уважување, се присутни на сите нивоа, па дури и во високата дипломатија. Сепак, комплиментите и попустливоста најдобро функционираат кога изгледаат искрено и природно.
Истражувањата покажуваат дека одмерената и заслужена пофалба за добро завршена работа создава вистински социјален капитал и гради доверба. Од друга страна, насилното смеење на лоши шеги или претераното воодушевување може да изгледаат лажно и да произведат спротивен ефект.
Ласкањето не мора секогаш да биде вербално. Едноставното кимнување со главата додека другата личност зборува покажува активно слушање, создава чувство дека соговорникот е ценет и може да изгради лична поврзаност без да делува нападно.
Зошто претерувањето во преговорите може да ви се врати како бумеранг?
Реакцијата на комплиментите никогаш не може целосно да се контролира. Личноста со која немате изграден однос тешко дека ќе го промени своето мислење поради претерани комплименти, особено ако истовремено од неа барате услуга.
Менаџерите и луѓето на високи позиции претераното ласкање од страна на „подредените“ често го толкуваат како обид за манипулација. Дополнително, агресивното додворување во текот на преговорите може да создаде впечаток на очај и недостиг на професионална зрелост.
Ласкањето има и јасни ограничувања кога влоговите се најголеми. Цврсто вкоренетите деловни ставови и уверувања ретко се менуваат поради нечие слаткоречиво однесување.
Сепак, доколку соговорникот во принцип е отворен за компромис, одмерениот комплимент може да создаде попријатна атмосфера и да помогне разговорот да се одвива поконструктивно.
Подгответе ја атмосферата пред клучниот состанок
За ласкањето да делува природно, треба да биде во согласност со личноста на оној што го упатува, но и со контекстот во кој се наоѓа. Ако некој вообичаено се однесува студено и резервирано, а непосредно пред важен состанок одеднаш почне да дели комплименти, тоа може да делува неискрено.
Абрахамс затоа советува таканаречена „подготвителна работа“ пред самиот преговор. Наместо бомбастични зборови и претерани комплименти, подобар ефект можат да имаат мали и внимателни гестови:
- да се резервира најдобрата сала за состаноци во компанијата;
- пред почетокот на состанокот да го прашате соговорникот дали сака кафе или освежување.
Таквите гестови се вообичаени и автентични. Тие не делуваат нападно, но испраќаат јасна порака дека е посветено внимание на тоа разговорот да се одвива во позитивна и конструктивна атмосфера.
Извор: BIZLife

