- Advertisement -
НовостиПравдаСветот на работникот

Здравствени работници обвинуваат дека им го земале редот за вакцинација

Здравствени работници - Работник
142views

Медицински сестри од Куманово извисија за вакцина против Ковид. Наместо вчера да се појават во пунктот во поликлиниката Јане Сандански во понеделникот добиле известување дека термините им се откажани. Истото им се случило и на гинеколозите со кои работат. Но, подоцна службите од министерството за здравство задолжени за имунизацијата ги известиле докторите да дојдат утре за вакцинација, но без сестрите.

– Имавме термин закажано на 23 март, но добивме порака по маил дека термините се откажани. Дел од докторите добија телефонски повик за да се вакцинираат. Докторите инсистираа да се вакцинираат и сестрите бидејќи не мкожат да работат едни без други. Вчера добија пак телефонски повик да дојдат во четврток за вакцинација, ама само они, изјави револтирана медицинска сестра во гинеколошка ординација во Куманово.

Од министерството велат дека одлагањето за некои медицински лица е поради приоритетната вакцинација на здравствените работници кои работат во Ковид Центрите.

-Поради епидемиолошката состојба во државата, односно порастот на заболени и хоспитализирани пациенти во изминатиот период се зголеми и бројот на здравствени работници кои се вклучија во системот на ротација и работат во Ковид центрите, па така продолжи и вакцинацијата на сите кои во моментов се изложени на ризик. Во овој момент се вакцинираат само здравствени работници кои работат со ковид позитивни пациенти, одговорија од мз.

Остануваат отворени прашањата дали надлежните направиле лоша проценка имајќи во предвид дека располагаат само со 3000 дози Спутник В. Дали некој друг се вакцинирал наместо медицинските сестри од Куманово и како може нормално да функционира една ординација само со заштитен лекар?

И додека нема доволно вакцини за здравствени работници, Премиерот и денеска најави дека масовната имунизација на граѓаните ќе почне на крајот на месецов или почетокот на април со вакцините на АстраЗенека преку Ковакс системот.

„Она што го знаеме по сите информации е дека на крајот на март ги очекуваме првите количини од Ковакс системот. На 30-ти доаѓа министерот за одбрана на Кина и веруваме дека ќе донесе попрецизна информација кога ќе стигнат и кинеските вакцини“, изјави премиерот Зоран Заев.

Следната недела треба да стигнат само уште 3000 вакцини Спутник В за да може да се ревакцинираат здравствените работници кои  ја примија првата доза.

Извор: Сител