Останато

Зибери: Да се ограничи казнената камата на извршителите

Народниот правобранител Насер Зибери во утринската емисија на Телма побара од власта законски да го ограничи растот на казнената камата која извршителите ја наплаќаат од граѓаните во име на доверителите, бидејќи до омбудсманот пристигнуваат голем број претставки за, како што вели тој, перманентно должничко ропство.

„Законодавецот не ја има лимитирано законски казнената камата, а истата расте се до целосно подмирување. Граѓаните со пониски примања се доживотни должници. Собранието да донесе измени во Законот за облигациони односи и да се лимитира каматата до основицата на долгот за да се ослободат од перманентниот долг граѓаните“, порача Зибери.

Тој вели дека во тек е промена на правилникот од страна на Регулаторната комисија за енергетика, за квартално, наместо годишно, читање на струјомерите на домаќинствата, бидејќи има чести поплаки од граѓани за нереална наплата на фактурите за потрошена електрична енергија.

„Во соработка со РКЕ иницираме промена на регулативата. РКЕ за тоа морам да признаам дека беше кооперативна. Дојдовме до заеднички заклучок да се промени правилникот и квартално да се отчитуваат струјомерите и другите уреди“, најави народниот правобранител.