Злоупотреба на Договорот на дело во трудово- правната област 

Колумна на Адвокат Персида Отовиќ Стојановска

Секојдневно сме сведоци на недостиг на огромен број на работници како и огласи со кои се бара работник повеќе. Но, од друга страна истовремено и покрај потребата за работна сила наместо регулирање на работниот однос и правна заштита на работникот секојдневно се ангажираат лица со договор за дело односно со граѓански договори истовремено во приватниот и во јавниот сектор.

Работниот однос е дефиниран со Законот за работни односи како договорен однос помеѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот.

Ангажирањето на работникот со договор на дело кој е граѓански договор наместо со договор за работа е прикриен работен односно квалификување на работниот однос како друг договорен однос, со цел да се избегнат трошоците на работодавачите.

Во членот 252 од Законот за работни односи (ПОСЕБНИ ДОГОВОРИ) -Работодавачот може со определено лице да склучи договор поради вршење работи кои се надвор од дејноста на работодавачот, а кои имаат за предмет самостојна изработка или поправка на определени предмети, самостојно извршување на определена физичка или интелектуална работа.

 Во конкретниов случај не се работи за ангажман на работници со договор за дело надвор од дејноста на работодавачот туку напротив работодавачот ангажира работници за вршење на неговата дејност и наместо да им биде регулиран работниот однос, односно да му се овозможи регулирање на неговите права од работен однос како и социјaлна и здравствена заштита, работодавецот ги избегнуваа овие негови законски обврски кон државата односно кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Фондот за здравствено осигурување. 

Со регулирање на редовниот работен однос му се овозможува на работникот односно вработениот остварување на законски утврдените права како и заштита во остварување на овие права согласно Законот за работни односи, Законот за пензиско и социјајлно осигурување, Законот за здравствено осигурување , но секако и со останатите lex specialis закони со кои се регулираат правата и обврските на вработените во јавниот сектор.
Доколку работниот однос не се регулира согласно законски утврдените прописи односно вработениот не склучи договор за работа со работодавецот како што наведовме засегнат е ангажираниот работник со неможноста за остварување на серија права од работен однос како и неможноста за здравствена заштита и остварување на пензиски стаж.

Ангажирањето на лица со договор за дело во општините, јавните претпријатија и државни органи е пракса и тоа подолг временски период во Македонија. Со ова се засегнати голем број на лица за подолг временски период во некои ситуации и по 10 години. Со оглед дека праксата покажала дека постои реална потреба од овие ангажирани лица кои извршуваат исти работни задачи како и редовно вработените во овие институции, а сепак се правно незаштитени неопходно е државните органи, општините и јавните претпријатија да ги регулираат односите со овие лица на начин што граѓанскиот однос ќе биде трансформиран во работен однос. Со оваа трансформирање односно регулирање на односите ќе бидат заштитени и државните и општинските  органи како и вработените од друга страна.

Особено би истакнала дека овие лица иако работат подолги години и извршуваат редовни работни задачи на работни места систематизирани во институциите истите не подлежат на дисциплинска и материјална одговорност како редовно вработените во истите тие институции.

Законодавствата на одредени држави оваа проблематика ја имаат регулирано на начин да бидат заштитени ангажираните лица и неможноста од злоупотреба на нивните права . 

На пример во Словенија се забранува склучување на договори кои произлегуваат од граѓанското право, во случај кога се исполнети соодветните елементи кои го детерминираат постоењето на работниот однос, а додека во Хрватска доколку работодавачот склучи договор за вршење на определена работа со работникот, која со оглед на природата и видот, како и овластувањата на работодавачот има обележје на работа за која се заснова работен однос, ќе се смета дека е склучен договор за вработување, освен доколку работодавачот не го докаже спротивното. 

Сето ова укажува од неопходноста на законски измени на Законот за работни односи, зголемување на овластувањата на инспекцискиот надзор и овозможување судската заштита на лицата ангажирани со договор за дело кои со оглед на природата и видот, како и овластувањата на работодавачот има обележје на работа за која се заснова работен однос. Но, секако тука е неопходна и потребата од заложба на државата на секојдневна заштита на работниците и нивните права преку строго регулирани правни механизми , инспекции и судска заштита.