Зошто ВМРО – ДПМНЕ планира да ги стави работниците под Економија?
„Сето ова се прави со консултација со сите засегнати. Тоа што ќе биде бенефит од ваквата реформа е дека со ваков зафат, на едно место сите партнери во тој дијалог, разговорите би биле поредовни, подинамични и со поголем и побрз ефект“, рекоа од ВМРО – ДПМНЕ.
ВМРО – ДПМНЕ во својата изборна програма „Платформа 1198“ предвидува реорганизација на министерствата. Со оглед на тоа дека порталот Работник е специјализиран за работните односи и трудот, испративме прашања до партијата зошто сметаат дека Трудот, кој досега беше во Министерство за труд и социјална политика, планираат да биде дел од Економија. Ги прашавме и како во тој случај би функционирал Економско – социјалниот совет, кој сега е дел од МТСП.
Од ВМРО – ДПМНЕ во одговорот ни посочија дека во својата програма посветиле огромно внимание на реорганизација на министерствата и институциите. Според нив, ова се прави за да може подобро и конкретно да се одговори на предизвиците на денешницата, а притоа да се намали бројот на јавни институции и укинувања на позиции како заменици директори и број на членови на управни одбори за да нема залудно трошење.
„Главната реформа, односно онаа којашто веројатно ве интересира е реорганизацијата на министерствата за економија и тоа што е сега Министерство за труд и социјална политика. Мора да се објасни целата трансформација на министерствата за да не се добие слика дека само трудот се ‘преместува’“, рекоа од ВМРО – ДПМНЕ.
Имено, ВМРО – ДПМНЕ планира од Економија да се изземе делот за енергетика, рударство и минерални суровини затоа што тоа е многу важен дел за развојот на државата и ќе прерасне во министерство. Спортот ќе добие свое министерство, а делот за млади од сегашната Агенција за млади и спорт ќе се припојат во идното Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Веќе забележувате дека во тоа министерство го нема делот за труд. Ресорот труд ќе влезе во Министерството за економија, а од таму ќе се издвои туризмот и ќе биде дел од Министерството за култура. Министерството за информатичко општество и администрација ќе биде Министерство за дигитална трансформација. Вака поставен систем сметаме дека ќе даде реален одговор на современието“, рекоа од партијата.
Подетално објаснето, реорганизацијата која секторот Труд го преместува од Министерството за труд и социјална политика во Министерството за економија се прави за да бидеме во тек со современите трендови, велат од ВМРО – ДПМНЕ.
„До сега Економија се занимаваше со капиталот и инфраструктурата, а трудот, односно работниците беа сместени во делот на социјалната категорија. И тоа било одговор на потребите, поради огромната невработеност и распаднат економски систем во и по транзицијата, трудот се сметаше за социјална категорија“, велат од таму.
Состојбите денес, според ВМРО – ДПМНЕ, со странските директни вложувачи кои решиле да останат и отвораат нови работни места, налагаат на трудот повеќе да не се гледа како на социјална категорија.
„За жал и со иселувањето на работоспособното население, со падот на невработеноста преку овие состојби, реалноста е дека на трудот повеќе не може да се гледа како на социјална категорија. Трудот не е социјална категорија туку е реален учесник во економијата, заедно со капиталот и инфраструктурата“, вела од партијата.
Со делот Труд, сиот сектор, па и делот Економско – социјален совет се „селат“ во Економија. Така, објаснуваат од таму, на едно место ќе бидат капиталот, стопанствениците, трговијата и трудот, како економски важен сегмент.
„Сето ова се прави со консултација со сите засегнати. Тоа што ќе биде бенефит од ваквата реформа е дека со ваков зафат, на едно место сите партнери во тој дијалог, разговорите би биле поредовни, подинамични и со поголем и побрз ефект“, рекоа од ВМРО – ДПМНЕ.
Сето ова, на крајот, како што велат од партијата, треба да резултира со подобро и побрзо исполнување на целта, а тоа е враќање на достоинството на Македонија, надминување на незадоволствата, создавање на една Македонија која нема да тоне во сиромаштија, туку за една достоинствена и горда Македонија во која ќе се врати предвидливоста, но со едни реални чекори да се достигнат вредностите на семејството во коешто природно припаѓаме.

