ЕкономијаМакедонија

ИНДУСТРИСКОТО ПРОИЗВОДСТВО МИНАТАТА ГОДИНА ЗАБЕЛЕЖА ПАД ОД НАД ТРИ ПРОЦЕНТИ – еве кои сектори имаат најголемо намалување

   Време за читање 1 минута

Индустриското производство минатата година, во однос на 2023-та, е намалено за 3,6 проценти. Во декември 2024, пак, во споредба со истиот месец од претходната година, индустриското производство бележи пад од 1,4 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

– Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во декември 2024 година, во однос на декември 2023 година, бележи опаѓање од 10 проценти, секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 1,1 отсто, а секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 5,7 проценти.

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на текстил, Производство на облека, Производство на хартија и производи од хартија, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Производство на мебел – се наведува во соопштението на Државниот завод за статистика. 

Меѓу другото е нагласено дека според главните индустриски групи, производството во декември 2024 година, во однос на декември 2023 година, бележи опаѓање кај Капитални производи за 20,1 проценти, додека пораст има кај Енергија за 2,4 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија за 3,7 проценти, Трајни производи за широка потрошувачка за 14,7 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4,9 проценти.