- Advertisement -
ИнтервјуаНовости

(ИНТЕРВЈУ) Кулебанова: Потребни се посебни финансиски фондови наменети за жените претприемачки

Кулебанова - Работник
1.86Kviews

Бобан Илијевски

Ексклузивно интервју на Порталот Работник со потпретседателката на Сојузот на стопански комори, Габриела Кулебанова, со која разговараме за жените претприемачки, за проблемите со кои се соочуваат и можните решенија за истите. Исто така, таа зборува и за тоа како може државата да им помогне на жените претприемачки, за да се создадат подобри услови за нив во претприемништвото. 

Според Кулебанова, еден од ограничкувачките фактори што постојат кај нас се стереотипите околу сфаќањето на улогата на жената во општеството, потенцирајќи дека се уште се смета дека жените треба да се посветат на смејството и воспитувањето на децата, додека водењето на бизнис дека треба да се остави на мажите. 

„Во таа насока и жените имаат и пониско ниво на самодоверба во однос на сопствените компетенции за започнување на деловен потфат, односно имаат помалку самодоверба во однос на тоа дали поседуваат вештини за да бидат успешни претприемачи“, вели Кулебанова.

Во продолжение целосното интервју?

Работник: Кои се најголемите проблеми на жените претприемачи во Македонија? Кои би биле потенцијалните решенија на истите?

Кулебанова: Проблемите со кои се соочуваат жените претприемачи се комплексни, поврзани со повеќе општествени сегменти. Прв ограничувачки фактор е што кај нас постојат стереотипи околу сфаќањето на улогата на жената во општеството. Така, се уште се смета дека жените треба да се посветат на семејството и воспитувањето на децата, а водењето на бизнис е резервирано за мажите. Во таа насока и жените имаат и пониско ниво на самодоверба во однос на сопствените компетенции за започнување на деловен потфат, односно имаат помалку самодоверба во однос на тоа дали поседуваат вештини за да бидат успешни претприемачи. Образованието е дел од проблемот бидејќи во образовните процеси не се посветува речиси никакво внимание на изучување на вештини за водење бизнис и менаџирање. Финансирањето е можеби најголем предизвик бидејќи жените најчесто не поседуваат имот на свое име, па не може да обезбедат гаранција за кредити. Главните проблеми со кои се соочуваме при создавање на бизнисот се поврзани со немањето доволно информации, како и предизвикот да се усогласат секојдневните обврски во семејството и работата.

Она што би можело да помогне за овој проблем е на пример формирање на посебни финансиски фондови во кои ќе има бескаматни кредити за поддршка на жените претприемачки каде ќе се дава повеќе внимание на добрата бизнис идеја и добриот бизнис план. Исто така треба да се бараат и начини како жената да се ослободи од обврските поврзани со одржување на домот и грижата за децата. На пример установите за згрижување на деца да работат и втора смена. Женското претприемништво во нашата земја има голем неискористен потенцијал, кој доколку се стави во функција ќе придонесе за економски и социјален просперитет на целото општество.

Работник: Колкава е застапеноста на жените претприемачи во бизнис секторот? Во кои сектори се најмногу застапени, а во кои најмалку?

Кулебанова: И покрај тоа што е зголемен фокусот на создавање на подобри услови за развој на женското  претприемништво, сепак земјата сè уште се соочува со сериозни предизвици кога станува збор за зголемување на бројот на жени претприемачи и нивната конкурентност. Според податоците содржани во “Националната стратегија за женско претприемништво 2019-2023“ во сопственичката структура на стопанството на Македонија претпријатија во сопственост на најмалку една жена со основачки влог над 50% учествуваат со околу 29,39 % во вкупниот број на активни претпријатија. Но мора да се има во предвид дека оваа бројка не е реална бидејќи многу често жената фигурира само формално, додека реално бизнисот го води мажот. Според истите податоци најголем дел од субјектите во сопственост на жени во 2017 година се во секторот Трговија на големо и мало (7,489), преработувачката индустрија (1,770) и стручни, научни и технички дејности (1,678).

Работник: Како државата може да помогне да се создадат подобри услови кои би им помогнале не жените претприемачи?

Кулебанова: Претприемачката активност секогаш се случува во контекст на претприемачкиот екосистем кој го одредуваат бројни фактори, регулаторната рамка, политиките, културолошките вредности. За да се унапреди женското претприемништво и да се искористи неговиот потенцијал треба паралелно да се работи на сите полиња. Како што погоре објаснивме потребно е да се обезбеди полесен пристап до финансиски ресурси бидејќи тие се неопходни за почнување на сопствен бизнис. Исто така треба да се подобри информираноста на жените за можностите за почнување бизнис, бидејќи иако има мерки за поддршка или фондови каде може да се аплицира за добивање на финансиска помош или менторска помош сепак тие информации не се доволно видливи и достапни, а некогаш и самите процедури за аплицирање се сложени и комплицирани. Потребни се и организирани обуки преку кои жените ќе ги усвојат вештините за водење бизнис кои им недостасуваат. Исто така во наредниот период треба да се работи на унапредување и подобрување на мерките за поддршка на женското претприемништво кои се реализираат преку Министерството за економија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку зголемување на поддршката како и проширување на опфатот.

Работник: Во поголем број од компаниите, менаџерите во главно се мажи. Што според Вас би требало да се направи за да се смени таа перцепција дека мажите се подобри лидери од жените?

Кулебанова: Лидер, односно добар менаџер е оној кој знае да го организира работниот процес, да ги оптимизира трошоци, брзо и навремено да создаде краен производ со додадена вредност. Сето ова нема никаква врска со полот, туку е поврзано со способностите и карактеристиките на личноста. Системот на напредување врз основ на квалитет е единствено одржливо решение на долг период. Постепено стапуваат на сила вистинските човечки вредности, но можеби е потребно тој процес да се стимулира со воведување на мерки на позитивна дискриминација како што се задолжителните квоти за вклученост на жените на раководни функции.

Работник: Во мај оваа година, Владата ја презентираше Националната платформа на женско претприемништво која има за цел да создаде родов баланс во претприемништвото. Кои се Вашите очекувања од оваа платформа?

Кулебанова: Националната платформа за женско претприемништво се формира во рамките на истоимениот проект, кој е кофинансисран од Делагацијата на ЕУ, а се спроведува од четири здруженија меѓу кои и Сојузот на стопански комори. Носител на проектот е Здружение на бизнис жени, а вклучени се и Фондацијата за Менаџмент и индустриско истражување и Националната федерација на фармери. Преку проектните активности насочени сме кон зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за креирање предлог јавни политики и застапување во областа на женското претприемништво, со спој на постојните мрежи во единствена платформа што ќе претставува интерес на жените претприемачи на сите нивоа. Национална платформа за женско претприемништво треба да се наметне како главен социјален партнер за креирање политики и реформски процеси; да го олесни структурниот дијалог, вмрежување и консултации меѓу засегнатите страни на национално и локално ниво; да го подобри капацитетите на граѓанските организации за женско претприемништво за политика, застапување и соработка со националните и локалните власти; промовирање на жени претприемачи како двигатели на промените во јавната политика. Платформата е на почетокот на своите активности и досега воспостави добра соработка со клучни чинители во креирањето на политиките за развој на женското претприемништво пред се Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и потпретседателот на Владата задолжен за координација на економските ресори Фатмир Битиќи.