ИнтервјуаПравдаСветот на работникот

(ИНТЕРВЈУ) Синдром на согорување на работно место – „Ненавременото лекување може да доведе до длабока депресија“

   Време за читање 5 минути

Бобан Илијевски

Синдромот на согорување на работно место (burnout syndrome) стана доста актуелна тема во текот на пандемијата со Ковид – 19, најмногу поради големиот стрес кај вработените коишто се соочуваа со секојдневни ризици од зараза со вирусот, но и кај оние кои работеа од далечина.

Во 2019 година Светската здравствена организација синдромот на согорување, го вклучи во својата Меѓународна класификација на болести, дефинирајќи го како синдром концептуализиран како резултат на хроничен стрес на работа што не бил успешно менаџиран.

Порталот „Работник“ разговараше со психологот, Доц. Д- р Мирјана Јовановска Стојановска, токму на темата синдром на согорување на работното место.

Д-р Јовановска Стојановска започна објаснувајќи што е синдромот на согорување, потенцирајќи дека тој претставува тотална исцрпеност која се јавува како резултат на хроничен стрес на работното место, со кој вработениот не е во состојба успешно да се справи. Таа дополни дека согорувањето е и високо ниво на оптоварување кое го чувствува личноста заради кумулацијата на психо –ментален и психо – социјален стрес.

Таа посочи дека согорувањето на работното место може да биде и резултат на сложената интеракција помеѓу социјалните фактори (околности) и индивидуалните фактори.

Д-р Мирјана рече дека како социјални фактори се наведуваат: временските рокови, прекувремената работа и работата во смени, мобингот и економскиот притисок, но влијание има и семејството и активностите во слободно време. Додека под лични карактеристики може да се наведат личните компетенции, комуникациските вештини, способноста да се работи тимски, индивидуалната толеранција на фрустрации, флексибилноста и копинг механизмите кои ги поседува личноста.

Исто така, вели, важна е примарната структура на личноста (на пример, идеализмот, перфекционизмот, плашливоста, несигурноста и емоционалната нестабилност).    

Негативни фактори кои влијаат на индивидуалната толеранција на стрес се несоодветните или недоволно добрите стратегии за справување со стресот и разочараноста од очекувањата, вели докторката, потенцирајќи дека на согорувањето можат да влијаат и негативните искуства и начинот на живот, како несоодветна поддршка поради недостаток на социјални односи и партнерската релација.

Кога „негативниот стрес“  станува хроничен и личноста не се справува соодветно со него, тоа доведува до негативни ефекти врз здравјето.

Покрај тоа, подвлекува таа, во зависност од времетраењето и сериозноста на исцрпеноста, често има и понатамошни негативни социјални последици: повлекување на работното место (т.н. внатрешна оставка) или ефекти врз приватниот живот (партнер/сексуални проблеми, социјална изолација). Од перспектива на општеството, вели д-р Мирјана, постои зголемен ризик од повторување или долги период на отсуство од работа и рана инвалидност.   

Според неа, фактори коишто во голема мера влијаат на појавата на синдромот на согорување се и биолошките и биохемиските фактори, притоа нагласи дека тоа се хормонални и ендокринолошки промени, особено трајно зголемување на нивото на кортизол и нарушување во системот за контрола на хипоталамусот – хипофизата – надбубрежната жлезда.

Истакна дека симптомите кои лицата може да ги препознаат обично се повеќедимензионални со неколку психијатриски, психосоматски, соматски и социјални нарушувања. Главни психолошки симптоми се хроничен замор и континуирана исцрпеност опишана како „ментална дисфункција“.

Наведе дека ова вклучува нарушувања на концентрацијата и меморијата (недостаток на прецизност и организираност), недостаток на енергија и промени во личноста (недостаток на интерес, цинизам, агресивност), додавајќи дека тешки нарушувања се и појавата на анксиозност и депресивност кои можат да кулминираат со самоубиство. Исто така, може е и развој на зависности (од алкохол и лекови). Се појавува и чувство на постојана исцрпеност. Вели дека чести соматски симптоми се главоболките, гастро – интестинални нарушувања (нервозен стомак, дијареја) или кардиоваскуларни нарушувања како што се тахикардија, аритмија и хипертонија.

Таа им порачува на сите оние кои имаат некоја од овие симптоми, навремено да побараат помош од стручни лица.

Согорувањето на работното место не е поврзано со вораста. Тоа е најчесто регистрирано кај одреден тип на занимања: здравствени работници, психолози, наставници и кај згрижувачките професии.

Согорувањето може да биде опасно и за физичкото и за менталното здравје на лицето. Влијае на сите сфери на функционирање на личноста и затоа е потребно да се третира многу сериозно. Во лекувањето можат да бидат вклучени и психолози и лекари, за да истото биде комбинирано од лекување со лекови и психолошко советување и психотерапија.