(ИНТЕРВЈУ) Со кои предизвици се соочуваат локалните новинари?
Локалните медиуми, а со тоа и локалните новинари играат суштинска улога, бидејќи нивните приказни се од особена важност за градот во кој известуваат.Пандемијата предизвикана од Ковид – 19 многу повеќе ги погоди локалните, отколку националните медиуми.
За предизвиците со кои се соочуваат локалните новинари, порталот Работник направи интервју со главната и одговорна уредничка на гостиварскиот портал Гостиварпрес (gostivarpress.mk) и новинарка во ТВ КИС/Менада Љупка Антеска.
Во продолжение целосното интервју:
Работник: Со кои предизвици најчесто се соочуваат локалните новинари?
Антеска: Предизвик да биде некој вид на сезнајко, зашто треба да покрива настани и состојби од секакви области, дневни случки, образование, култура, економија итн. Не може да се специјализира за известување од една сфера. А ако не е подготвен како што треба, секако не може добро да си ја заврши работата. Предизвик е исто така да остане објективен, со оглед дека многу често треба да прави вести врзани со луѓе што ги познава, кои му се пријатели, можеби роднини, соседи. А вестите некогаш се добри, некогаш лоши. Потоа, секако предизвик е секојдневно да пронајде интересни теми и информации коишто вреди да се пренесат во јавноста. За ова би рекла дека важи во почетоците, затоа што со тек на време добриот новинар гради мрежа на извори, познанства, па дури може да се каже дека подоцна темите сами го наоѓаат новинарот.
Работник:Пандемијата предизвикана од Ковид-19 го погоди сите медиуми, но особено беа погодени локалните медиуми. Како пандемијата се одрази врз Вашата работа како локален медиум?
Антеска: Иако се соочивме со нешто непознато, целосно се променија условите и приликите за работа, сепак не престанавме да ја извршуваме нашата мисија: секојдневно од терен да се донесат свежи, точни, корисни информации. Нормално, потешко е да се исполнат работните обврски во време на пандемија, но се снаоѓаме и во тој дел не гледам негативни последици од пандемијата. Во финансиите, секако има, затоа што падна економија, а главните извори на финансирање се рекламите и спонзорствата.
Работник: Медиумите во кои работите Тв Кис/Менада и Гостиварпрес работат на теми коишто се од важност за Гостивар. Дали досега сте биле под притисок на локалната власт за да не објавите некоја вест?
Антеска: Јас како новинар што известува за и од Гостивар, до сега имам искуство со четири различни партиски гарнитури кои биле на чело на општината. Генерално со сите соработката била добра. Директни закани и некои сериозни притисоци немало, но реакции, коментари и лутење кога објавите обработуваат некој проблем и ги истакнуваат слабостите, се разбира дека има. Ние како новинари мора да знаеме како правилно да се справиме со тоа. Ме радува што, сепак се случувало после некоја вест, локалните власти да се мобилизираат и да се зафатат со решавање, што е всушност и целта на таквите објави.
Работник: Колку според Вас се ценат новинарите во Македонија?
Антеска: Не може да се генерализира, може да зборуваме конкретно за некој новинар колку е ценет, а тоа зависи од неговата работа, дали е професионален, го почитува ли етичкиот кодекс, до која мера е посветен на новинарството, има ли принципи, тука би споменала и еден универзален фактор – каков е како човек. Кога е во прашање ценењето, голем проблем гледам во фактот што последната деценија многу нешта се изместија во медиумскиот простор во Македонија, да не претерам, но секој што ќе креира некаква веб страница мисли дека може да биде новинар, копи-паст е пуштено на најјако, се пласираат дезинформации, наслови спектакуларни што немаат никаква врска со текстот итн. Тоа на некој начин ја збунува, па и револтира публиката. Така се создава лоша слика за новинарството. Лично овие текови многу ме погодуваат и се надевам дека што поскоро ќе се исфилтрира медиумскиот простор, па ќе се врати и довербата кај оние кои ги конзумираат вестите.
Работник: Што мислите за социо – економскиот статус на локалните новинари во Македонија?
Антеска: Без многу да коментирам, ќе кажам дека е на некое средно ниво, а дека општествените чинители и самата новинарска фела треба да работи на негово подобрување.
Бобан Илијевски

