ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

НУК: Појавата не сивата економија е предизвикана од самите угостителски работници

Од Независната угостителска комора рекоа дека согласно нивниот Статут сите членки кои членуваат во комората се еснафи и угостители кои во своето работење во целост ги почитуваат важечките законски прописи кои се на важност за угостителската индустрија.

Посочија дека не постои реномиран угостител кој врши угостителска дејност согласно законските прописи, што ќе дозволи своите вработени да не ги пријави и осигура, како и регулано да им исплаќа бруто плати и надоместоци. 

Велат дека недостатокот од обучен, квалификуван угостителски кадар во изминатиот перид, како и масовното напуштање на работните места во угостителската индустрија заради заминување за потребите од сезонско работење создале услови на нелојална конкуренција и работење.

„Создавањето на вакви услови, придонесе угостителите да станат уценувани од угостителските работници и начинот на работа, како и исплата на нето надоместоците“, велат од НУК

Сметаат дека појавата на сива економија во однос на начинот на исплата на нето надоместоци на угостителските работници е повеќе предизвикана од страна на самите угостителски работници отколку наметната од страна на угостителите. 

„Во услови на недостаток на професионален и квалификуван кадар како угостител сте доведени секој што се претставува или сака да работи како угостителски работник да ве условува и уценува дека може да работи под одредени услови и бара исплата на дневна основа затоа што поголемиот број не сакаат да ја чекаат платата на крајот на месецот и не сака да ја прима на смета затоа што истата му е блокирана по разни основи, придонесува угостителите да имаат неопходна потреба од ваква работна сила или да останат без работници или пак да бидат принудени да ги прифатат нивните услови и начини на работа и да исплаќаат нето хонорари на дневна основа“, велат од НУК. 

Според нив, треба да се земе во предвид дека моменталната минимална нето дневница за почетник – угостителски работник не е помала од 700 денари и таа се пресметува во месечната бруто плата која изнесува 24,656 денари. Од НУК подвлекоа дека во моментов надоместокот за квалитетен угостителски работник изнесува најмалку 1,000 денари, што пресметано во месечна бруто плата, истата изнесува 35,767 денари. 

Во предвид, велат, потребно е да се земе и дека угостителски работник кој работи како келнер остварува и дополнителни приходи по основ на т.н. бакшиш – тип (паричен додаток, награда што се добива со цената на угостителската услуга) кој се движи од неколку стотини до неколку илјади денари дневно во зависност од денот и работењето на угостителскиот објект со кои приходи поголемиот дел од келнерите остваруваат најмалку уште по една минимална загарантирана нето плата, месечно. 

„Од останатите бенефити кои ги имаат угостителските работници треба да се знае дека во поголемиот дел на реноминари угостителски објекти обезбедно им е и бесплатен дневен оброк и/или пијалаци или значајни попусти во користењето на услугите за лични потреби во зависност од типот на угостителскиот објект“, велат од НУК. 

Посочија дека економската криза во угостителската индустрија како последица на пандемијата Ковид-19 не придонела во зголемување или појава на зголемена понуда на квалитетна работна сила – угостителски работници. Напротив, според нив, угостителските работници кои се вратиле во Македонија како последица на глобално колабрирање на угостителската индустрија со појавата на пандемијата Ковид-19 и поради неможноста на сезонско работење надвор од државата немаат интерес ниту сакаат да работат локално во Македонските угостителски објекти.

Независната угостителска комора во својата програма има предивено и уште во текот на минатата година започна комуникација со синдикатити и останатите здруженија за заштита на угостителските работници и започна активности и подготовки за изработка на регистар на угостителски работници со цел да се даде прдонес во едукацијата, унапредувањето и воведувањето на евиденција на угостителски работници кои професионално сакаат да ја работат оваа работа, живеат и егзистираат од истата и имаат потреба за доедуцирање и унапредување на истата, велат од НУК. 

Со пристапот во овој регистар угостителските работници ќе имаат можност и достап до информациите кои реномирани угостителски објекти во целост ги исполнуваат законските услови на пријава и исплата на надоместоците и платите кон угостителските работници, додека угостителите ќе имаат можност да го проверат историјатот на угостителскиот работник, како и да имаат увид во оценките од неговото работење во претходните угостителски објекти и гости, со што сметаат дека ќе биде направен првиот чекор во заедничкото елиминирање на т.н. сива економија како појава во угостителската индустрија во делот работник-работодавец и велат дека ќе  понудат двојна сигурност и заштита во исполнувањето на законските обврски како и одговорностите кои произлегуваат кон угостителите и угостителските работници.

За потсетување, од Синдикатот за угостителство и туризам за порталот Работник истакнаа дека од 20 до 25 % од вработените во угостителството се во сивата економија. 

Бобан Илијевски