Црна Гора најавува минимална плата до 1.400 евра и просечна пензија од 600 евра
Црна Гора од јануари 2027 година би можела да воведе нов систем на пресметка на платите, со кој минималната заработка би се движела од 1.000 до 1.400 евра, во зависност од образованието потребно за конкретното работно место.
Планот, познат како „Еуро модел“, би се применувал и во јавниот и во приватниот сектор, а предлогот веќе е доставен до Собранието на Црна Гора.
Според моделот што го претстави премиерот Милојко Спајиќ, минималната плата за работни места за кои е потребно основно или пониско образование би изнесувала 1.000 евра.
За работните места за кои е потребно средно образование, минималната заработка би била 1.250 евра, додека за оние за кои е потребно високо образование би достигнувала 1.400 евра.
Промени се најавуваат и кај пензиите.
Од 2027 година пензиите би се усогласувале четири пати годишно, со цел подобро да го следат растот на платите.
Според најавите на Спајиќ, просечната пензија во април би можела да достигне околу 600 евра, додека минималната пензија би надминала 500 евра. Дополнително, во декември сите пензионери би добиле по 100 евра.
Во моментов минималната плата во Црна Гора изнесува 600 или 800 евра, во зависност од нивото на квалификација. Просечната нето-плата во јули изнесувала 1.037 евра, според податоците на црногорската Управа за статистика – Монстат.
Спајиќ порача дека целта на новата економска политика е зголемување на животниот стандард и создавање услови трудот да биде поисплатлив.
„Во современиот свет државите не се делат на големи и мали, туку на оние кои се приспособуваат на актуелниот момент и забрзано ја планираат иднината, и оние кои постојано се оптоварени со проблемите од минатото“, изјави Спајиќ, пренесуваат „Вијести“.
Според најавите на Владата, со програмата би биле опфатени повеќе од 250.000 вработени.
Дополнително зголемување на платите би било можно доколку социјалните партнери го прифатат предлогот на Владата зголемувањето на пресметковната вредност на коефициентот да се применува на ист начин и во јавниот и во приватниот сектор.
Сепак, предлогот допрва треба да биде разгледан и усвоен од Собранието на Црна Гора.
Извор: Telegraf Biznis

