Во Италија драстично порасна бројот на постари работници: За шест години има 65 отсто повеќе вработени над 55 години
Бројот на вработени во Италија постари од 55 години се зголемил за дури 65 отсто во периодот од 2019 до 2025 година, покажуваат податоците на италијанската Агенција за пензиско и социјално осигурување (INPS).
Претседателот на INPS, Габриеле Фава, вели дека растот е поврзан со промените во демографската структура на земјата и со тоа што луѓето работат подолго.
„Тоа е знак дека луѓето работат подолго, бидејќи структурата на населението во нашата земја се промени“, изјави Фава, пренесе ANSA.
Сепак, тој предупреди дека подолгиот животен век не значи автоматски дека човек може и подолго да работи.
„Не се сите работни места подеднакво напорни и не ги дочекуваат сите луѓе истите години со исти ресурси“, истакна Фава.
Според него, прашањето за долговечноста станува еден од клучните предизвици при креирањето на јавните политики. Тој особено нагласи дека жените треба да бидат во центарот на стратегиите насочени кон одржливост, имајќи ги предвид различните животни и работни околности со кои се соочуваат.
„Еднаквоста не значи исто да се третираат животи кои поминале низ различни тешкотии, туку да се препознаат тие разлики“, порача Фава.
Растот на бројот на постари работници го отвора и прашањето како пазарот на трудот и пензискиот систем треба да се приспособат на стареењето на населението, особено во услови кога луѓето сè подоцна го напуштаат работниот век.
Извор: Telegraf Biznis

