Интервјуа

(ИНТЕРВЈУ) Според сите параметри, Македонија станува последна во Европа, по економскиот развој

   Време за читање 11 минути

Ексклузивно интервју на порталот Работник со Претседателот на Индустриската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија Трајан Ангеловски, во кое тој зборува на прашања повразни со тоа какви реперкусии имаше пандемијата врз индустријата, за тоа дали има доволно квалификуван кадар за да ги задоволи потребите на индустријата, како и на други прашања.

Бобан Илијевски

„Од нашето искуство, многу мерки од ваков тип сме виделе, меѓутоа кога ќе отидете во Агенцијата за вработување, да аплицирате за тие мерки, има еден краток и јасен одговор: Ставката во буџетот за вакви програми ни е веќе пополнета и не можете да ја искористите. Ова многу често се случува и многу наши членки, ниту ја искористиле, ниту можеле да ја искористат.“, вели Ангеловски одговарајќи на едно од прашањата на порталот Работник

Пандемијата предизвикана од Ковид – 19 предизвика големи економски реперкусии по индустријата. Според Вас, каква е состојбата во индустријата?

Ангеловски: Според официјалните податоците на Државниот завод за статистка, во првиот квартал има пад на индустриското производство. Јас би ги разделил работите на две нивоа, на локално – Република Македонија и на светско ниво. На локално ниво податоците се гледаат. Зошто е таков резултатот? Веројатно од некои напластени и неадекватно одработени во минатиот период и во овој квартал има лоши резултати и тоа е факт.

На светско ниво се случува работа којашто никогаш претходно не се случила во поновата историја. Ковид – 19 пред се е здравствена криза, но од здравствена се претвори во страшна светска економска криза. Поремети многу заостанати процеси, снабдувања на материјали, ресурси, суровини, логистичките ланци. Има ситуации кога еден месец некоја земја е затворена, слабо функционираат производните капацитети, се забавува процесот на добивање материјали, вие доцните; и тоа е еден широк ланец кој има големи пореметувања на светско ниво, па и во Македонија.

Како гледате на досегашните пакет мерки и каков резултат тие дадоа во индустријата? Дали бевте консултирани како Индустриска комора за носењето на пакет мерките?

Ангеловски: Одредени фирми аплицираа и искористија дел од тие пакет мерки, но за разлика од други држави, ние го оценуваме системот на пакет мерките дека од стартот е дизајниран на неповолно ниво. Во други држави беше организирано на тој начин што во дадени моменти, кога се чувствуваше речиси целосен пад на економијата, се исплаќаа минимални плати во одредени проценти (50, 60, 80 или 100%) по вработен во одредени дејности, без никакви предуслови. Во Македонија процедурите беа на тоа ниво, со такви тешки алгоритми, со комплицирана процедура итн., и по наше мислење еден добар дел од фирмите не аплицираа, не користеа. Тие што ги искористија се жалат дека процедурата е навистина сложена. Можеше на многу поелегантно ниво да се дизајнираат тие пакет мерки и да имаат далеку поефикасно дејство.

Бевме консултирани, генерално на едно формално ниво, меѓутоа суштински, не би рекол.

Кои гранки од индустријата се најмногу погодени од Ковид пандемијата?

Ангеловски: Не е едноставен одговорот на ова прашање, бидејќи зависи од тоа во кој временски период кој тип на индустрија беше повеќе или помалку погоден. Се минуваше циклично, како што важат оние медицински правила за овој вирус дека нема правила, истото важеше и во економијата. Еден ден одредена бранша од индустријата може да функционира релативно нормално, меѓутоа се случуваше за извесен период да се заврти работата во спротивен правец и таа индустриска дејност да е загрозена и обратно, одредена индустриска дејност да успее да се подигне во одреден временски период. Значи, во оваа година дена, од кога е присутна пандемијата, едно е сигурно – нема планирање, нема долгорочни стратегии и едноставно не знаете каков ќе биде утрешниот ден. Од причина што, може да има некое затворање (локдаун), ограничување на транспортни рути… Главното пристаниште коешто Македонија го користи во Солун, во даден временски период може да воведе тестови и со тоа целосно да го блокираат транспортот на стоки и тогаш се наоѓаме во една шах – мат ситуација.

Дали во Македонија има доволно кадар за да ги задоволи потребите на индустријата? Дали индустријата има надеж во проектот на Министерството за образование, „Учи паметно работи стручно“?

Ангеловски: Македонија според многу параметри полека, но сигурно станува последна економија во Европа, по ниво на развој, по Бруто домашен производ по глава на жител итн. Тоа не е случајно. Во Македонија со години, постои недостаток на квалитетен кадар. Тоа е резултат на лошиот образовен систем кој упорно не се реформира. Да не се разбереме погрешно, без оглед на тоа која партија е на власт, тие се менуваат, но системот не се менува. На пример, во Македонија сега годишно според најновите податоци се запишуваат до 20,000 деца во средно училиште, а има околу 30,000 слободни места за запишување. Едноставно, државата не ги насочува кадрите на вистинското место. Таа мора да има стратегија и да ги насочи кон вистинскиот правец, а вистинскиот правец е во стручно образование, економско, медицинско итн., да се запишуваат одреден број на деца. Кога ќе се остави во гимназиските паралелки да се запишуваат неограничен број на ученици, кој очекувате дека ќе се запише во некое машинско или електро училиште кое се наоѓа на периферија од Скопје, а кои се наоѓаат физички во руинирана состојба. Има ли родител кој ќе запише дете во такво училиште? Дури и самиот да е инженер, како јас, на пример. Значи државата мора да воведе стратегија. Колку ученици, толку места и тие да ги структурира според развојната стратегија.

Да, има надеж, меѓутоа сите проекти, завршуваат на ниво на проекти, бидејќи ова што претходно го претставив, мора да се имплементира. Значи, бројот на ученици да соодветствува со бројот на слободни места каде што ќе се запишат. Како да кажам, исто како да отворите ресторан и во ресторанот да имате храна за 30 луѓе, а вас ќе ви дојдат само 15 луѓе. Што ќе се случи со остатокот од храната? Треба да ја фрлите.

Еден многу важен параметар којшто е многу значаен за индустријата се царинските стапки. Не знам дали забележувате, но многу странски инвеститори, ја заобиколуваат Македонија. Зошто е тоа така? Македонија нуди фантастични услови за развој на индустријата? Очигледно не се толку поволни, на други места се добиваат поповолни услови. Една од најважните ставки се царинските стапки. Тие мора да се доведат на ниво на Европска унија. Никој од ЕУ нема да инвестира во одреден производствен погон во Република Македонија и да ви плаќа пет пати повисока царина. Зошто тој би дошол од Германија во Македонија? За да и плаќа даноци на Македонија? Тој треба профит да оствари. Поголем отколку што дома може да оствари. Се додека профитот во матичната земја му е поповолен, никој нема да дојде или ќе оди во соседните земји каде што му е поповолна климата. Значи, царински стапки и индустриски зони. Во моментов немате слободни места за изградба на индустриски капацитети. Во ниедна општина нема слободни места. Одвреме навреме ќе се јави некоја јавна лицитација, за три – четири парцели, веднаш се продаваат. Дури и во рурални општини од типот на Чешиново – Облешево. Да не зборувам за Скопје.

Владата пред некој месец го претстави новиот Оперативен план за вработување. Дали сметате дека со мерките за доквалификација и преквалификација може да се создаде кадар кој ќе биде квалификуван за индустријата?

Ангеловски: Од нашето искуство, многу мерки од ваков тип сме виделе, меѓутоа кога ќе отидете во Агенцијата за вработување, да аплицирате за тие мерки, има еден краток и јасен одговор: Ставката во буџетот за вакви програми ни е веќе пополнета и не можете да ја искористите. Ова многу често се случува и многу наши членки, ниту ја искористиле, ниту можеле да ја искористат.

Ако некого мотивирате на одреден начин, секако дека би преквалификувал одредени вработени и тоа во моментот се случува, но тоа го прават самите фирми на свој трошок. Самите се снаоѓаат, не се мотивирани да тоа масовно го прават и затоа веројатно и резултатите се такви.

Кога очекувате опоравување на индустријата од Ковид кризата?

Ангеловски: Тоа зависи од процентот на вакцинација, враќањето во некои нормални рамки, движењето. Еден од најголемите проблеми е што не може да се отпатува во ЕУ, ниту во светот. Се додека не се врати слободата на движење на луѓе, стоки и капитал, не можеме да се надеваме на позначително опоравување. Сега моментално работиме во полузатворен систем, функционираме електронски, на дистанца. Оној стариот начин кој го имавме пред пандемијата имаше одредена ефикасност и интенцијата е да се вратиме кон тој систем за да можеме да ги покажеме вистинските перформанси на работењето, така да зависиме од здравствената состојба. Сите очекуваа дека опоравувањето ќе се случи оваа пролет, меѓутоа забележуваме дека се намалуваат бројките, но нашите очекувања се дека можеби оваа година ќе биде онаа каде што бројките ќе се намалуваат и ќе се санира состојбата и дури веќе од следната година можеме да очекуваме опоравување и враќање во некој нормален режим. Оваа година ќе живееме како претходната, но со одредено релаксирање.       

Фото: ССК