И ова лето може да биде тешко за Струга – готвачите и келнерите поради платите заминуваат во Хрватска

Изгледа и ова лето угостителите во Струга и Охрид ќе се соочат со недостиг од професионален кадар поради ниските плати и други дополнителни придобивки.

Како најомилена дестинација за летната сезона, готвачите и келнерите го избираат хрватското крајбрежје, каде платата е повисока но имаат и други придобивки.

Евељдина Дика, директорка на регионалната единица на Агенцијата за вработување во Струга, вели дека на градот му недостигаат квалификувани работници во угостителскиот сектор како и медицински кадар.

„Немаме готвачи, немаме квалификувани келнери, немаме асистенти во кујна. Од друга страна немаме ниту фармацевти, техничари, лаборанти, немаме медицински сестри, немаме ниту лекари. Колку што гледам по медиумите нема лекари. Слободно можам да потврдам дека немаме ниту лекари, или се на специјализација или се надвор од државата“, вели Евељдина Дика.

И тој кадар што го има во угостителството заминува по другите држави, особено преку лето, а омилена дестинација е Хрватска. Ова го кажува еден готвач од Струга кој секое лето работи на хрватското крајбрежје.

Според готвачите, платата што ќе ја земат за три месеци, овде не можат да ја заработат ни за една година.