НовостиСветот на работникот

И понатаму не се воспоставува пракса на наведување на износот или рангот на плати во огласите – Некои велат само дека даваат плата, а некои воопшто не ни ја спомнуваат

   Време за читање 2 минути

Некои од компаниите го наведуваат износот или рангот на плата во огласот за работа, но праксата на не наведување на заработката во огласите продолжува и понатаму.

Некои ги наведуваат основните плати, некои рангот (од – до ) на плати, а некои одат чекор понатаму посочувајќи дека даваат бонуси, поголема сума на К-15 од минималната, можности за кариерно напредување и сл.

Но, факт е дека поголемиот дел од компаниите кои ги објавуваат огласите на веб страните за вработување или пишуваат дека даваат конкурентни плати или воопшто не ни ја спомнуваат платата како збор.

Тоа значи дека на кандидатот кој ќе биде повикан на интервју, ќе му биде кажано колкава му е платата, што не е од полза ниту на кандидатот ниту на компанијата, бидејќи постои можност износот на плата да не му одговара на кандидатот. Е сега, секогаш постојат исклучоци, па можеби кандидатот преку преговори ќе успее да дојде до повисока плата од понудената, се разбира ако се има волја и од страната на работодавачот.

Инаку, работодавачите се обврзани законски да го објавуваат износот на плата. На веб страната на Агенцијата за вработување во секој наведен оглас има и износ на плата, но на другите веб страни за вработување тоа не е случај.

Минатата година, пишував текст токму за огласите на работа и праксата на не наведувањето на износот на плата во истите. Тогаш, во изјава за порталот Работник, долгогодишниот професионалец од областа на човечките ресурси, Билјана Чкламовска сподели каква е нејзината пракса на објавување на огласи за работа.

Еве на пример јас наведувам плата од – до, некој ранг, во смисла на тоа кога човекот ќе дојде на интервју и кога ќе ме праша зошто платата, да речеме, е од 24,000 до 30,000 денари, јас му објаснувам како се стигнува до 30,000, колку брзо, а тоа зависи од самиот работник, и како може уште првиот или вториот месец да стигне до највисокиот ранг од платата што е определена за тоа работно место, рече тогаш Чкламовска.

За секој барател на работа, платата е една од најважните сегменти кои се пресудни за тоа дали ќе аплицира на дадениот оглас. Ова им е одлично познато и на самите компании, но некои сѐ уште мислат дека нема потреба да се наведува износот или рангот на плата.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера