КолумниНовости

Како да им зборувам за напредок кога илјадници работници сѐ уште плати не добиваат навреме

   Време за читање 1 минута

Над 80,000 работници не зеле плата во јануари! И после што да зборувам кога учествувам на конференции за зелена транзиција, дигитална трансформација…? Како да им кажам на останатите дека Македонија има некаков напредок во светот на работата кога илјадници работници остануваат без основното и суштинско право? Затоа искрено им кажувам дека сме далеку и од зелени транзиции и од дигитални трансформации. Им ја кажувам вистината. И од тоа ме боли душата. Се чувствувам како губитник наспроти сите оние од останатите европски земји кои остваруваат напредок во сферите кои во Македонија не можат да дојдат на ред, бидејќи сѐ уште се бориме да преживееме.  

Постојано го велам истото – Македонските работници сѐ уште се борат за остварување на своите основни работнички права. Им кажувам дека овие претходните, освен што вештачки ја покачија минималната плата и со тоа ги порамнија останатите плати, создавајќи незадоволни работници кои заминуваат од државата, не направија ништо посебно. Што да им кажам кога има синдикати кои се осмелија во ек на пандемијата да потпишат спогодба во една фабрика за вработените да не земат К-15. До душа, тоа го немам кажано на ниедна конференција, бидејќи ми е срам. Оти знам дека ќе се запрашаат: „ако некој синдикат работи спротивно на интересите на работниците, тогаш зошто работодавачите да ги почитуваат работничките права?“ И ќе имаат право.

Каква пуста зелена транзиција и дигитална трансформација. Ние, за жал, сме далеку од тие теми. Илјадници километри далеку.  

Да се надеваме дека работите ќе започнат да се поправаат, бидејќи само тоа можеме да го правиме.

Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.