КАКО ИЗМЕНИТЕ СО КОИ СЕ ЗГОЛЕМУВА ПРЕКУВРЕМЕНАТА РАБОТА ЌЕ СЕ „ИСТКААТ“ ВО НОВИОТ ЗАКОН ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ?
Како најновите измени со кои се зголемува прекувремената работа, народски кажано, ќе се префрлат од постоечкиот Закон за работните односи во новиот? На ова прашање се обидувам веќе неколку дена да најдам одговор.
Со оглед на тоа дека самите работни односи се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика, прво побарав став од нив. Прашањата кои им го испратив гласеа:
Како најновите измени (во врска со коридорите) на постоечкиот Закон за работните односи ќе се адаптираат во новиот Закон? Ќе има ли за тоа дополнителни консултации со социјалните партнери?
Одговорот којшто го добив е следен:
Предлог Законот за работни односи на кој веќе подолго време работи Министерството за труд и социјална политика се подготвува заедно со социјалните партнери со претставници на синдикатите и работодавачите. Целиот процес на изготвување на законот се одвива во транспарентна постапка со вклученост на голем број на учесници и на сите оние кои можат да дадат придонес во обликувањето на законот и неговата содржина.
Но, тргнувајќи од значењето на двете страни на работниот однос во конципирањето на правилата на работниот однос, сепак главни партнери ни беа претставниците на синдикатите и здруженијата на работодавачите. Ова значеше издигање на трипартитниот дијалог, односно социјалниот дијалог на национално ниво, на многу висока позиција. Сите аргументирани и издржани, праведни решенија, кои беа доставени до министерството ги вклопивме во законот. Набрзо, Законот ќе го поставиме и на ЕНЕР, како последно од скалилата за негово подобрување, на кој коментари можат да дадат сите засегнати страни
Секако пред законот да биде доставен до Владата на РСМ истиот ќе биде разгледуван од страна на членовите на Економско – социјалниот совет, кои ќе можат на самата седница да изнесат свои ставови и мислења по предлог законот.
Разговарав и со правни експерти кои добро го познаваат постоечкиот и Предлог- Законот за работни односи. Дел од нив ми рекоа дека постои голема веројатност членот 117-а да биде препишан во новиот Закон, без да се има дополнителни консултации со синдикатите и работодавачите за тоа.
Синдикатите и работодавачите ќе можат да даваат свои забелешки и на ЕНЕР и на Економско – социјалниот совет во однос на овој член, но со оглед дека истиот како измена на постоечкиот Закон беше донесен без да бидат консултирани засегнатите страни, правните експерти велат дека многу лесно ќе може да се протне и во новиот Закон кој би се изгласал во Собрание.
Се разбира, сето ова има потенцијал да се случи доколку спорните измени не паднат на Уставен суд, што значи дека оваа институција ќе биде клучна за тоа во која насока ќе се одвиваат работите.
Фото: Unsplash