НовостиСветот на работникот

Како работодавачите ги поттикнуваат вработените самите да дадат отказ

   Време за читање 3 минути

Во современиот свет многу работодавачи се свесни дека за поуспешни резултати неопходно е да се привлечат и да се опкружат со најдобрите вработени, но исто така факт е дека работодавачите понекогаш посакуваат некој вработен да даде отказ.

Наместо да чекаат вработените сами да заминат од фирмата, некои работодавачи создаваат услови (совршено правно регулирани) поради кои вработените посакуваат да дадат отказ.

Зошто работодавачот сака да го присили вработниот да даде отказ?

Една од бројните причини е раководството на компанијата да одлучи дека оперативните трошоци се превисоки за нови вработувања или дека одредена производна линија повеќе не е популарна, па не знаат каде да ги прераспоредат постоечките вработени. Или можеби вештачката интелигенција ја намалува потребата за работна сила.

Без оглед на причината, вработените кои даваат откази на фирмата можат да и’ заштедат време и пари, бидејќи нема да мора да им исплати отпремнина, да им плаќа придонеси, ниту да им дава финансиска помош додека бараат работа, пишува Poslovni dnevnik.

Еден од начините вработениот да се натера самоиницијативно да даде отказ е од него да се бара секојдневно доаѓање на работа, односно да му се укине можноста за хибридна работа. Уште еден начин е и исклучувањето на вработените од сите клучни проекти и максимално намалување на нивните работни обврски.

Тука е и микроменаџментот, поради кој многу вработени сами даваат отказ. Меѓутоа, сето наведено претставува само една страна на медалот. Имено, според некои експерти, првите кои нема да се согласат секојдневно да доаѓаат на работа се најдобрите вработени, бидејќи тие знаат дека имаат избор и дека лесно ќе најдат нова работа.

Исто така, ако работодавачите започнат со мерки осмислени вработените сами да сакаат да дадат отказ може да се појави негативна атмосфера во целото работно опкружување. Иако сето ова звучи прилично омаложувачки и неправедно, сите тие стратегии за наведување на некој да даде отказ правно се дозволени доколку во фирмата сте се вработиле доброволно.

Единствено нешто што во таква ситуација како вработен можете да направите е да не дадете отказ, бидејќи тоа е она што работодавачот го сака, и да работите уште повеќе, трудејќи се на работодавачот јасно да му ставите на знаење дека сте квалитетен работник и дека ќе погреши ако ве отпушти.

Уште една работа околу која експертите се согласуваат е дека, дури и ако одлучите да го смените работното опкружување, не оговарајте ги и не ги клеветете ги претходните работодавачите на социјалните мрежи, бидејќи секој иден работодавач ќе ги проверува вашите профили на социјалните мрежи за да стекне увид во вашата историја на вработувања.

Извор: b92.net

Фото: Shutterstock/Ground Picture

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.