Како што ќе се намалува бројот на работници, така ќе растат платите и ќе се подобруваат работните услови, вели Златановска – Попова
Со неа досега имам направено низа на интервјуа и ѝ имам земено низа изјави на најразлични теми од сферата на кариерата. Поради тоа што има премногу нешта на коишто може да се разговара во рамките на оваа сфера, повторно правиме интервју со советникот за развој на кариера и тренер за меки вештини, Катерина Златановска – Попова.
Овојпат, фокусот го ставивме на прашања за тоа каква кариера сакаат младите, кои се приоритетите на новите генерации, и секако, не ги заборавивме ниту повозрасните, па ја прашавме Златановска – Попова дали слабиот стандард е причината поради која луѓето не се решаваат да ги следат своите кариерни амбиции.
Во текот на интервјуто Златановска – Попова ќе донесе и една интересна констатација која гласи вака: Ако може да изразам оптимистички поглед на моменталната состојба, колку ќе биде поголем недостатокот на работна сила во земјата толку подобри услови и повисоки плати ќе имаат тие што ќе одлучат да останат и да градат кариера тука наместо во странство.
Разговараше: Бобан Илијевски
Б.И.: Во еден неформален разговор ми рековте дека младите луѓе повеќе не сакаат да работат “старомодни” професии, па оттаму прашањето ми е каква кариера посакуваат денешните млади луѓе?
Младите луѓе се интересираат за професии во кои може брзо да напредуваат, да видат резултати од својата работа и својот труд, да заработуваат за удобен живот и воедно нивната работа да има некаква цел, сакаат да има смисла, да има значение врз пошироката заедница. Тие постојано трагаат по одговорите на прашањето „Зошто го правам ова? Зошто го работам ова?“ и најчесто своите кариерни одлуки ги донесуваат врз основа на добиените одговори. Токму затоа, често се случува да не се задржат долго на одредено работно место или во некоја компанија, клучот е во прашањата кои ги споменав погоре. Има и уште еден интересен феномен, кој веројатно пандемијата само го забрза, а тоа е дека младите се почесто успеваат да најдат работа која може да ја извршуваат од далечина, па често работат за странски компании или клиенти обезбедувајќи си одлични приходи, а уживајќи во удобноста на домот, пријателите и начинот на живот со кој се израснати.
Б.И.: Новите генерации се подложни на промени и нивните приоритети се менуваат. Според Вас, кои се приоритети на денешните млади луѓе?
Приоритетите на младите луѓе се насочени кон тоа да откријат каде припаѓаат, како да ги реализираат своите соништа, идеи. Тие посакуваат да имаат можности, прилики и јасна перспектива. Младите се најмногу разочарани од недостатокот на систем, ред и вредности, недостаток на вреднување и наградување на оние кои се квалитетни, на сметка на клиентелизмот и политичката поларизираност. Потребни се итни и неодложни промени, воспоставување на вредностите како што се интегритет, чесност и отчетност на сите нивоа во функционирање на државата за да ги поттикнеме младите да ја видат својата иднина тука, во оваа земја.
Охрабрувачки се напорите на се’ повеќе организации кои дополнително работат на промоцијата и обуки за градење на неопходни вештини надвор од формалниот систем на образование и тоа во сферата на социјално претприемништво, зелените бизниси и фриленсерството што пак отвара нови можности, поинакви видици и пристап до фондови и финансиски средства за младите средношколци и студенти.
Б.И.: Недостигот на работници станува се поочигледен, младите или се ориентираат кон дигиталните професии или ја напуштаат државата. Што треба да направат работодавачите за да станат попривлечни за новите генерации на работници?
Заедничка и приоритетна задача на образовниот систем и на бизнис заедницата треба да стане промената на образовните програми, кои треба да станат применливи и практични. Овие нови генерации на деца не сакаат да учат и меморираат непотребни факти. За секој предмет кој го изучуваат сакаат да добијат одговор како тоа ќе им користи понатаму во животот и кариерата и најчесто ние родителите и наставниците немаме соодветен одговор и објаснување. Токму затоа, создавање на модел на образование кој ќе нуди животни вештини, практична работа на конкретки задачи и проекти и можност за практична обука во кој ќе биде вклучено кариерното советување во најрана возраст за откривање на интересите на децата е клучот на промените кои ни се неопходни ако работодавачите сакаат да си обезбедат квалитетни и обучени работници. Секако огромна улога игра и соодветната плата која им е важна на новите генерации на работници, каде пак забележувам огромен исчекор бидејќи конечно работодавачите сфатија дека ако сакаат да имаат работници ќе треба и соодветно да ги платат и наградат за нивниот труд. Всушност, ако може да изразам оптимистички поглед на моменталната состојба, колку ќе биде поголем недостатокот на работна сила во земјата толку подобри услови и повисоки плати ќе имаат тие што ќе одлучат да останат и да градат кариера тука наместо во странство.
Б.И.: Дали, имајќи во предвид дека живееме во држава со слаб стандард, луѓето не се посветуваат доволно да откријат кои се нивните кариерни амбиции бидејќи мораат да работат било што за да го преживеат месецот? Што мислите за ова?
Повозрасните, особено оние кои имаат семејства, кредити, обврски се повнимателни во поглед на преземањето ризици и правењето на промени во кариерата. Тоа е секако многу разбирливо, сепак, пандемијата како ништо друго досега на многумина им помогна да размислуваат за својата иднина, кариерата и посакуваната професија. На крајот на краиштата, разговор со кариерен советник не значи дека сте обврзани да ги спроведете промените или согледувањата кои може да произлезат од процесот. Од друга страна, токму разговор со професионалец, од време на време, во различни етапи од вашиот живот може да ви помогне да имате широк поглед кон новите можности, да поставите план за личен и професионален развој, да започнете некој нов курс или обука кои пак ќе ве донесат поблиску до посакуваната кариера или професија за која секогаш сте сонувале. Или, во најмала рака, ќе ви помогне да ја согледате потребата на пазарот на труд и соодветно навреме да се прилагодите, бидејќи промените секако ќе се случуваат, прашање е само кога и дали вие ќе ја имате контролата и моќта свесно да влијаете на тие промени.
- Како да ги зголемите шансите за наоѓање работа преку LinkedIn профилот?| Изабела Шкоф, Советник за развој на кариера [ВИДЕО] - 24/04/2025
- ЕДНО ПРАШАЊЕ: Што значи прекувремена работа? - 23/04/2025
- КАКО ДА ОДГОВОРИТЕ НА ПРАШАЊЕТО „КОЛКАВА ПЛАТА ОЧЕКУВАТЕ?“ НА ИНТЕРВЈУ ЗА РАБОТА – ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ НА ИЗАБЕЛА ШКОФ, СОВЕТНИК ЗА РАЗВОЈ НА КАРИЕРА [Видео интервју] - 17/04/2025