Занимливости

Коалите пред изумирање

45views

На коалите им се заканува изумирање до 2050 година во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс ако итно не се преземе некаква акција, пренесува Би-би-си.

Коалите во последните години се загрозени поради губењето на живеалиштата, болести и климатските промени. Околу 5.000 коали загинаа при неодамнешните пожари. Тоа ги поттикна законодавците да обезбедат преостанатата популација да не исчезне. Затоа е формирана специјална комисија и спроведено е истражување кое покажало дека пред сезоната на пожарите имало 36.000 коали.

Во последните години пожарите кои уништија повеќе од пет милиони хектари уништија 24 отсто од живеалиштата на коалите.

Комисијата утврдила дека климатските промени претставуваат постојана закана за овие животни поради уништувањето на живеалиштата од пожарите и сушите и загрозувањето на квалитетот на еукалиптусот со кој се хранат коалите.

„Постоечките стратегии кои би требало да ги заштитат коалите не функционираат“, кажа претседателката на комисијата Кејт Ферман и додаде дека постоечките закони се недоволни. Затоа комисијата донела 42 препораки меѓу кои и воспотавување нови национални паркови.

„Коалите се икони на австралиската држава препознаени низ целиот свет и национално богатство за кое ќе направиме сѐ за да го заштитиме за идните генерации“, изјави министерот за животна средина Мет Кин.

Минатата година Фондацијата на австралиските коали процени дека не останале повеќе од 80.000 коали во Австралија.

Извор: Сител