Ковачевски: Со Закон да се унифицираат платите и да се направи ревизија на менаџерските договори

Сметам дека треба да имаме еден општ колективен договор, кој ќе биде пропратен со Закон за плати во државата. Ние немаме закон кој ги унифицира платите. Ако ги погледнете и менаџерските договори на директори на јавни претпријатија кои прават загуби со години и на членови на управни одбори ќе видите поголеми плати од двајца министри заедно, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Тој, во гостувањето во „360 степени” на Алсат М, посочи дека е потребно да се ревидираат ваквите менаџерски договори бидејќи, како што рече, тие менаџери не прават ништо за намалување на загубите, не ги намалуваат трошоците, не ги зголемуваат приходите.

Јас се залагам за конзистентност на платите, тоа го зборуваат и граѓаните и вработените во јавната администрација. И во Извештајот на ЕУ се зборува дека државата има мали капацитети во однос на искористување на европските фондови. Тоа е заради тоа што има луѓе кои се високо квалификувани, кои мора да знаат повеќе странски јазици, а имаат пониски плати од вработени во одредени институции кои не знаат што им се дневните обврски. И затоа си одат, рече Ковачевски.

Премиерот, исто така, рече дека има македонски државјани кои работат во Црна Гора, Хрватска или Босна и Херцеговина за приватни консултантски куќи на европските фондови, а ние не може да ги искористиме.

Затоа мора да ставиме ред, да се знае кој за што и колку заработува, заклучи Ковачевски