- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Компаниите со загуба да исплатат К-15 по остварување на нето добивка до јуни месец следната година

Стопанска комора - Работник
3.43Kviews

Според последните информации за платите на Државниот завод за статистика, износот на К-15 за 2020 година треба да се движи од 10.956 до 16.349 денари.

Крајниот рок за исплата на регресот за годишен одмор за работодавците е 31 декември 2020 година.

ОРМ: Компаниите кои имаат загуба воопшто да немаат обврска да исплатат К-15, но доколку по годишната пресметка за 2020 година остварат нето добивка, должни се да исплатат К-15 за 2020 година до 30.06.2021 година, до износот од 30% од остварената нето добивка

Ангел Димитров од Организацијата на Работодавачи вели дека бидејки рокот за исплата на регресот за годишен одмор или популарно наречениот К-15 истекува до крајот на годината, разбирливо е ова прашање да побудува голем интерес и кај работодавачите и кај работниците.

„Организацијата на работодавачи започна преговори со Сојузот на синдикатите за измена и дополнување на Колективниот договор за приватниот сектор од областа за стопанството со кои сакаме помеѓу останатото да ја промениуме и одредбата за К-15“, истакна Димитров. 

Според него нивната идеја е критериумите за тоа кој има обврска за исплата на К-15 да бидат јасни и лесно применливи за сите. Затоа, како што вели, се одлучиле критериум да биде остварената нето добивка во минатата година.

Нивниот предлог е компаниите кај кои износот на К-15 за сите вработени изнесува помалку од 30% од остварената нето добивка да имаат обврска за исплата на К-15 во полн износ. Оние компании каде вкупниот износ на К-15 изнесува до 30% од нето добивката, да го намалат износот до 30% од нето добивката, а оние кои ке имаат загуба, воопшто да немаат обврска за исплата на К-15.

„Сметам дека за оваа идеја ќе имаме подршка и од ССМ,а за преодниот период за 2020 година предлагаме преодно решение со кое работодавачите кои поради финансиски потешкотии во 2020 година не исплатиле К-15 или исплатиле помал износ, ако по годишната пресметка за 2020 година остварат нето добивка , должни се да го исплатат К-15 за 2020 година до 30.06.2021 година, до износот од 30% од остварената нето добивка“, рече Димитров. 

Наведе дека голем број компании кои имаат намалување на приходите поради корона кризата имаат намера да го намалат износот на К-15 за 2020 година, но тоа мора да го направат со Спогодба со синдикалната организација или претстваникот на вработените. Нагласува дека притоа мораат да внимаваат на две работи.

Прво, синдикалната организација да добие согласност од гранскиот синдикат, а онаму каде нема синдикална организација и второ, преставниците на вработените да се бираат на состанок на кој ќе учествуваат сите вработени, да се води записник и да се овластат преставниците кои ќе преговараат со работодавачот за исплата на К-15.

ССМ: работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор можат да побараат интервенција од ССМ до Државниот инспекторат за труд, или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права

Од Сојузот на синдикати на Македонија посочуваат дека исплатата на регресот за годишен одмор е уредена со Колективните договори, а тие според Уставот на Македонија имаат еднака важност како и законите. 

Порачаа дека важењето на Колективните договори не може да се суспендира од страна на Државните органи. Истакнаа дека очекуваат работодавачите да ја исполнат оваа обврска како што е уредена во Колективните договори. 

Велат дека Сојузот на синдикатите на Македонија заедно со Организацијата на работодавачите, со потпишување на Спогодбата за измени и дополнување на Општиот Колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството во 2013 година го уредиле правото на регрес за годишен одмор за вработените во приватниот сектор. 

„Регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија и од претставниците на работодавачите– ОРМ и со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено со потпишување на колективен договор, очекувано е работодавачите целосно да ја исполнат обврската која ја презеле“, велат од ССМ.

Посочија дека согласно член 35 од Општиот Колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач.  Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата по работник во Републиката исплатена во последните три месеци.

Наведоа дека со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор.

„Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината. Износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата“, велат од ССМ.

Укажаа дека на работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор дека можат да побараат интервенција од ССМ до Државниот инспекторат за труд, или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права.

Потсетија дека за неодговорните работодавачи кои не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по овој основ, Кривичниот закон предвидува затворската казна до 1 година, а согласно јавно достапните податоци, праричните казни се до 4.000 евра.

Бобан Илијевски