- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Константниот одлив на работна сила ја руши стабилноста на бизнис климата во Македонија

Бизнис клима - Работник
544views

Иако, според извештајот на Светска банка, Дуинг бизнис, Македонија во 2020 година беше рангирана на 17 – то место, со 80,7 поени, во конкуренција со 190 земји во водење на бизнис, бизнисмените сметаат дека ова рангирање може да послужи само за реклама, бидејќи во реалноста не е така.

Бизнисменот Горан Рафајловски за порталот Работник вели дека овој извештај не ја покажува реалната слика на бизнис климата во Македонија, бидејќи се земаат само одредени парамети и се прави на ниво на целиот свет, па не може со сигурност да се земат податоците од извештајот. 

Рафајловски смета дека бизнис климата има многу недостатоци. Според него, првиот недостаток којшто, како што вели одамна постои во Македонија е немање на стабилна Влада.

„И кога имавме стабилни Влади, ние со сила правевме избори на две години, што е големо оптеретување за бизнисот, но и за стабилноста на било кој проект“, вели Рафајловски.

Друг недостаток, што според него е многу важно да се подобри, а што Македонија никогаш не го направила, без разлика што државата има стабилен банкарски систем, е тоа што немаме инвестициски банки. 

„Имаме банки кои исклучиво кредитираат врз основа на хипотека и вредности кои досега сме ги создале, но многу малку врз идна вредност, особено врз вредност на работење на компанија, производство на производи… Сите бараат однапред склучени договори, доколку сакате тоа да го направите и во тој тип на инвестции, практично, Репбулика Македонија сериозно назадува, во развојот на добри идеи и во развојот на добри капитални инвестции кои се потребни“, вели Рафајловски.

Тој посочи дека еден од недостатоците е и константниот одлив на работна сила и тоталното пропаѓање на образовниот систем кој и тоа како е значаен за развој на бизнис климата. Доколку се нема потенцијал во човечкиот капитал, вели Рафајловски, од било кое ниво, дали на мајстори, едуцирани работници, па понатаму инженери, правници, економсти, а да не зборуваме за вистинска наука која со години ја немаме, како хемичари и физичари, наглсувајќи дека кај нас такви науки речиси и да не постојат. 

“Не може да се очекува развој на било која гранка, ако нема наука и ако нема едуциран кадар од секое ниво, а нашето образование успеа сето тоа да го донесе на сериозно ниски гранки, а со тоа да немаме човечки потенцијал“, рече Рафајловски.

Тој истакна дека доколку сакаме да ја подобриме бизнис климата во Република Македонија, тоа е еден сериозен и долготраен процес кој треба да се започне на повеќе полиња. 

Според него, еден од аспектите за подобрување на бизнис климата во Македонија е државата да не биде најголем инвеститор и компаниите да се врзуваат за неа. Вели дека таа може во еден извесен период, од една, две или три години да помогне да се тргне замаецот и после треба да запре и државата не смее да биде газда и инвеститор, бидејќи никаде во светот државата не се покажала како добар газда и добар инвеститор. 

Државата треба да ја заврши сопствената работа, потенцира Рафајловски, потенцирајќи дека треба да работи на подобрување на образованието и инфраструктурата, како енергетиката, патиштата, железници, земјоделски земјишта итн.. Нејзина задача, како што вели е тоа, а не да се меша во бизнисот и да измислува бизнис модели.

„И на крајот, она што веќе дваест години го зборувам, а тоа е дека Република Македонија нема стратегија како земја во кој правец ќе оди и каква земја ќе се нарече: земјоделска, земјоделско – преработувачка, услужна, туристичка… Државата воопшто нема правец по кој ќе се развива, туку сето тоа е на индивидуални идеи и потези на одреден број на бизнисмени, бидејќи ние немаме едуциран кадар за Репубика Македонија да размислува како за единствено подрачје каде што треба да ја пласира работата, туку од старт да прави производ да биде пласиран во најмала рака на поранешно југосленските простори, Бугарија, Романија и Грција“, рече Рафајловски.

Вели дека никој не прави производи подалеку од овие држави, посочувајќи дека прво прават производи за најблиското опкружување, а потоа за други земји. Според него, тоа е огромна промена на стратешката матрица во главата на бизнисмените. 

Потенцираше дека потребно е да се работи и на фискалната и на даночната политика, а во однос на даночната рече дека граѓаните на него треба да гледаат како инвестиција преку која ќе добија ново училиште, осветлување, водовод и канализација, пат кој нема да биде три, туку шест метри кој ќе биде асфалтиран и кои ќе овозможи на сите да не мора да доаѓаат во Скопје, туку од своите градови, совршено добро да ја работат својата работа. 

Негов став во однос на корупцијата кој е еден од параметрите коишто негативно влијаат врз бизнис климата, е дека таа нема да се намали, бидејќи, како што вели се уште нема политичка волја за тоа.

Сопственикот на текстилната фабрика „Мода“ и бизнисмен Ангел Димитров, за порталот Работник вели дека има објавено многу трудови на еминентни економисти, каде укажуваат дека рангирањето на „Дуинг Бизнис“ не ја отсликува целосно и реално бизнис климата во земјата.

„Факт е дека Дуинг Бизнис го оценува напредокот на земјата во неколку области, но тоа е повеќе формално и бирократско оценување. На пр, ако земјата назадувала во некоја област и донела Закон со кој истата област ќе ја регулира-земјата веднаш добива зголемување на поените во таа област. Но факт е исто така дека многу закони само се донесуваат а нивната имплементација е никаква“, вели Димитров. 

Друга работа, според него, е што Дуинг бизнис не оценува показатели кои се многу важни за една земја, како на пример големината на земјата, бројот на население и големината на пазарот. 

Така се случувало некоја земја да добие голем позитивен скок на лествицата на Дуинг Бизнис а резултатите во економскиот развој се многу лоши. На пр. пад на извозот, зголемување на трговскиот дефицит, смалени странски инвестиции итн., вели Димитров.

Недостатоците на нашата економија сите ги знаеме ама многу малку правиме тоа да се измени, вели тој истакнувајќи дека секојдневно млади луге ја напуштаат земјата, имаме пад на работоспособно население, имаме голем расчекор помегу понудата и побарувачката на работна сила, имаме лош правосуден систем, имаме лоша примена на законите, а единствено што правиме се стратегии и планови како овие работи да ги подобриме.

Дополнително, како што вели реформата на образовниот систем е на почеток и да биде најефикасна, резултатите ќе дојдат после 15-20 години. Посочи дека вистинското прашање е на што се кршеа копјата околу оваа реформа, на историјата и спојувањето на предмети. Никој не праша, дали наставниците и понатаму ќе ставаат петки на ученици кои не знаат ниту за двојка. Дали студенти со многу мали знаења ќе добиваат дипломи и ќе барат вработување со овие дипломи кои не се покриени со знаење. 

Вели дека Владата покажала некои намери за правење на реформи, но многу често овие чесни намери се стопирани од политички интереси. Реформите во државната администрација не се решаваат со политички компромиси туку со заеднички консензус помеѓу власта и опозицијата.

Димитров порача дека за некои прашања не треба да се добиваат политички поени.

Порталот Работник испрати прашања и до Владата, но до објавувањето на овој текст, не добивме одговор. 

Бобан Илијевски