- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Короната ќе ги натера луѓето да работат повеќе на „црно“ за да преживеат, но еве какви последици има врз нив?

Короната ќе ги натера работниците да работат повеќе - Работник
677views

Во првиот дел од анализата, ги претставивме на јавноста ставовите на Владата на Р. Македонија и Стопанската комора на Македонија. 

Став на експертите: Како може да се намали сивата економија?

Advertisement

Економскиот аналитичар Мирче Јовановски за порталот Работник вели дека за да се формализира неформалната или сивата економија, пред се потребна е силна политичка волја на сите нивоа (почнувајќи од Владата, министерствата, локалната самоуправа), како и серија на синхронизирани мерки кои, како што вели, од една страна ќе ги поедностават условите за водење бизнис, а од друга ќе ја заострат казнената политика во делот на сивата економија.

„Но, немам илузија дека сега во актуелниве околности е можно такво нешто, не само поради отсуство на реална политичка волја. Формално, таа постои – секоја година се носат акциски планови, а секако и некои мерки кои одат во таа насока – како МОЈ ДДВ, условување на одредена помош со формализирање на економските активности, поддршка за отворање бизниси и тн.“, вели Јовановски. 

Advertisement

Според него, главниот проблем во моментов е влијанието на ковид кризата врз стопанствоот и врз животниот стандард. Потсетува дека не треба да се заборави дека во изминатиот период, од започнувањето на кризата, до крајот на јануари, според официјалните податоци на Агенцијата за вработување, работата ја загубиле 18 илјади лица, нагласувајќи дека најмногу се погодени токму оние со помали примања.

„За волја на вистината, во петте досегашни пакети за економска помош за фирмите и граѓаните постојат мерки кои одат во насока на намалување на таквиот ефект врз сивата економија – финансиската помош за зачувување на работните места, бескаматните кредити и тн. Како што проценуваат домашни економски институти, без таквата поддршка влијанието на пандемијата би било многу полошо, што значи дека тоа секако би се одразило и врз зголемување на сивата економија“, вели Јовановски. 

Светска банка проценува дека ковид кризата кај нас најмногу ќе се одрази врз зголемувањето на невработеноста, вели Јовановски, која ќе се врати на ниво од пред неколку години. Ова според него ќе предизвика зголемување на сивата економија, поради тоа што луѓето ќе мораат да се снаоѓаат за да преживеат, најчесто преку извршување на економски активности кои нема да бидат регуларно пријавени.

Јовановски посочи дека без оглед на сегашната ситуација, како дел од рестартот на економијата кој го заговара Владата, една од клучните политики треба да биде токму борбата против сивата економијата.

„Економистите се согласни дека врз сивата економија влијаат неколку фактори, како висината на даноците, законската рамка, корупцијата и ефективноста на владата. Првите два фактора (висината на даноците и регулативата) се релативно поволни кај нас, што значи дека фокусот треба да се насочи кон сузбивање на корупцијата и зголемување на ефикасноста на институциите – кај двата елементи стоиме исклучително лошо, што го потврдуваат и последните извештаи на Транспаренси и други надлежни институции“, истакна Јовановски. 

Подвлече дека и поголемиот економски раст ќе има позитивно влијание врз намалување на сивата економија. 

Политичката волја е најважна за намалување на сивата економија

Неформалната економија има далекусежни последици врз сите коишто работат во неа, вели за портал Работник, првиот човек на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија Благоја Ралповски.

Причината, според Ралповски, е тоа што подоцна работниците не можат да ги остварат правата од здравствено, пензиско и инвалидско осигурување…

„Овие работници немаат загарантиран комотен живот во староста поради тоа што нема да имаат пензија. Од друга страна работодавачите, во голем број, не велам сите, го злоупотребуваат трудот, а и државата ја поттикнува сивата економија. Македонија е социјална држава, каде што многу луѓе не можејќи да ги сервисираат своите основни потреби за живот, режиските трошоци, и имаат на врат голем број на извршители“, вели Ралповски.

Тој смета дека работниците се принудени да работат во сивата економија за да заработат повеќе за парче леб, со оглед на тоа дека сметките на многумина работници им се блокирани токму од страна на извршителите. Посочи дека голем дел од работодавачите им плаќаат пониски плати и не ги пријавуваат. 

Во сивата економија, како што вели Ралповски, во најголем дел учествуваат помладите и луѓето од сиромашни семејства, нагласувајќи дека најголем дел од оние кои работат во сивата економија се во градежниот и во туристичко – угостителскиот сектор.

„Можам да кажам дека последните бројки од статиските се дека сивата економија и во време на пандемија, драстично расте и се искачи на бројка околу 40 %. Но, дојде до израз и тој проблем со сивата економија, затоа што работниците коишто беа дел од неа, преку уредбите на Владата или со локдаунот на одредени сектори, се затворија работни места, а работниците не можеа да ги остварат правата на отпремнина“, рече Ралповски.

За да се намали сивата економија, Ралповски вели дека пред се, потребни се екипирани, неполитизирани и професионални инспекциски служби коишто ќе бидат на терен. Потоа, потребно е, како што вели, да се засили работата на инспекциските служби кои во одреден дел се толерантни во однос на сивата економија, бидејќи сите финанскиски средства се течат преку нив. Треба финансиската полиција да испита каде одат парите од фирмите, затоа што се случува, рече Ралповски, да еден газда има пет фирми, па си дава позајмница од фирма на фирма. Преку една од фирмите да исплаќа авторски договори и од тука да исплаќа минимална плата со придонеси, додека од друга фирма да исплаќа пари само со персонален данок, со што најмногу губи и државата, но, нагласува дека губат и тие работници кои имаат добра плата, бидејќи подоцна ќе имаат слаби примања за време на пензиските денови.

Ралповски подвлече дека најважниот фактор да се намали сивата економија е да се има политичка волја, бидејќи, како што вели, без истата не може да се направи ништо. Тој потенцираше дека сивата економија може само да се намали, а не може да се сузбие. Таа постои и во вискоразвиените земји, но е во многу помал процент.

„Инспекцискиот надзор во градежништвото не е слаб, туку е еднаков на нула“

Иван Пешевски, заменик претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП вели дека по многу прашања од социо – економската положба на работниците, органите и телата на синдикатот дискутирале и барале конкретни мерки од Владата. 

Сивата еконмија, како што вели зема голем дел од Бруто Домашниот производ на државата (над 20 %). Освен тоа што имаме висок степен на корупција, вели тој, сивата економија се јавува и поради затајување на данок, завршени зделки за натура или компензација, неправилности во примената на Законот за работни односи (плата во плик)…

„Она што е загрижувачки е фактот што токму државните органи слабо го препознаваат овој феномен или пак не преземаат ништо. На многу преставки од Сојузот на синдикатите на Македонија не е постапено соодветно, односно Инспекторатот затаил во дадени моменти кога требало да се постапи во корист на работникот. За нас останува мистерија зошто секој пат државните институции се благо наклонети кон работодавачите наспроти работниците кои со својот труд го полнат буџетот!?“, подлвекува Пешевски. 

Во однос на влијанието на сивата економија врз работниците, тој вели дека тие се на првата линија и се најпогодени во сите ситуациии, а како што вели, дури и кога одредена работа е наплатена на време, тие последни го добиваат делот од колачот. Посочи дека за голем дел од извршените работи се и самите “виновни” поради немање друг избор, па се сложуваат за работа која се плаќа во готово и нормално е непријавена од ниедна страна. 

Во тие случаи, како што вели има голем број повреди, па дури и повреди со фатални последици.

„Од друга страна има работодавачи кои навистина се добро организирани и почитуваат се од Закон и Колективен договор и на кои не им одговараат вакви појави во општеството, бидејќи на крајот на денот тие ја плаќаат цената. Како Синдикат секогаш настојуваме строго компаниите кои почитуваат социјален дијалог да бидат избрани на тендер и не се дозволува слободен пазар за тие што се “човек-фирма”, а потоа ангажираат работници на црно. Работниците во сивата економија се секогаш непријавени, неосигурани социјално ниту здравствено што значи дека сите трошоци паѓаат на нивни товар“, вели Пешевски. 

Според него, доколку се обезбедат капацитети во државните органи кои будно ќе ја следат состојбата и соодветно казнуваат, ќе дојдеме до ниво на фер игра каде ќе се натпреваруваат, како што вели, меѓусебно оние работодавачи кои почитуваат се.

Истакна дека сите останати кои на грбот на работникот преку измами го таложат својот капитал треба да се санкционираат соодветно дури и затворат, бидејќи од една страна се лош пример за другите, а од друга страна нелојална конкуренција за работодавачите кои не можат на нивно ниво да ја спуштат цената и воедно да ги задоволат потребите и на работникот и на државата.

„Во Република Македонија сметам дека е тоа лесно остварливо ако се сака, бидејќи имаме систем преку Управата за јавни приходи каде многу лесно се доаѓа до податоци кој што земал и притоа што исплатил. Нормално и постојани инспекциски надзори кои можат да ја увидат состојбата на терен во секое време. Тука исто така останува “мистерија” дали можеби и самите државни органи се високо корумпирани па овие работи изгледаат исправни согласно Закон, а всушност не се. Зошто се дава работа на компании кои не почитуваат социјален дијалог, немаат синдикално организирани работници поради притисок од работодавачот, немаат редовно исплатени плати и придонеси кон вработените, а за возврат добиваат дозволи за работа и тендери, па потоа ангажираат работници кои во голем дел работат за надница“, вели Пешевски

Тој го спомена и последниот случај за фатените работници кои работеа на црно во строгиот центар на Скопје, истакнувајќи дека сите 97 биле привени, но не се дознало дали за работата на црно бил казнет работодавачот, како и зошто на тој начин ја извршувал работат во дејноста. 

Потенцираше дека во градежништвото, каде што СГИП има членови, инспекцискиот надзор од страна на градежните, трудовите и инспекторите а безбедност и здравје при работа не е слаб, туку е еднаков на нула.

За крај би го споменал и последниот случај за фатени работници на црно во строгиот центар на градот Скопје и сите до еден, 97 на број, приведени, а не дознавме ништо за тоа како е казнет работодавачот и зошто на тој начин извршувал работи во дејноста. Во градежништвото односно дејноста во која СГИП има членови, не е слаб туку е еднаков на нула инспекцискиот надзор од страна на градежните инспектори, трудовите инспектори и инспекторите за безбедност и здравје при работа.

Какво е влијанието на сивата економија врз пазарот на трудот?

Самиот податок, кој го кажа и министерот за финасии Фатмир Бесими,  дека сивата односно неформалната економија кај нас се проценува на 37 отсто од Домашниот бруто-производ зборува дека состојбата е алармантна, вели економскиот аналитичар Мирче Јовановски.

Според него, тоа значи дека милијарди евра циркулираат во сивата зона, на кои не се плаќаат даноци, што значи дека државата поради својата неефикасност „доброволно“ се откажува од значајни приходи, кои и тоа како би дошле добро во Буџетот.

„Во услови кога државата постојано „кубури“ со средства и е насочена кон задолжување во странство, таквите зголемени приходи би имале многу поволно влијание врз намалување на буџетскиот дефицит и врз задолженоста, како и би овозможиле финансирање на многу неопходни инфраструктурни проекти, но и за покривање на социјални трансфери и слично. Од друга страна, сивата економија ги еродира напорите на оние фирми кои работат регуларно, бидејќи претставуваат нелојална конкуренција и прави дисторзии на пазарот. Конечно, можеби најпоразително е влијанието врз оние кои работат во неформалниот сектор, бидејќи таквите вработени не се социјално осигурени, ниту можат да побараат кредит од банка, ниту пак имаат било каква сигурност, која колку толку би ја имале во регуларната економија“, вели Јовановски. 

Бобан Илијевски

Advertisement