Колумни

Корона патешествието на текстилните работници

Македонскиот менталитет - Работник
189views

Автор: Бобан Илијевски

Текстилните работници повторно се соочуваат со кршење на нивните работничките права, а нивните синдикати никаде ги нема да реагираат. Не знам зошто, тоа ќе им го оставам нив да го кажат. Треба да кажат и дали само адхок интервенираат колку  јавноста да забележи дека постојат. Јас не верувам дека ова ќе го признаат, но никогаш не вели никогаш.

Денеска здружението „Гласен Текстилец“ кое патем во голем дел ја врши работата на синдикатите во текстилната индустрија излезе со фрапантни информации за тоа дека на работниците не им се исплаќале во целост платите од субвенциите кои газдите ги добивале од државата, односно им исплаќале само 3 до 4,000 денари од 14,500 денари, сума којашто е неверојатно мала. Дали властите ќе реагираат на ова, останува да видиме. Сметам дека за оние газди кои го практикуваат ова, треба да има големи санкции, а доколку продолжат понатаму да не им ги исплаќаат целосните суми на работниците, треба компаниите да им се преземат од страна на државата. По се изгледа само на овој начин на ваквите газди ќе им дојде паметот.

Во текстилната индустрија во измнатиот период имаше доста заразени работници. Фабрики се затворија во Штип и тоа девет, а вчера се затвори и фабрика во Пробиштип по налог на Државниот инспекторат за труд. Одеднаш и инспекторатот почна поактивно да работи, па поради тоа се поставува прашањето дали е тоа само предизборна глума, за да им покажат на работниците дека нешто работат. Јас сметам дека е глума, но јавноста нека пресуди. Сепак, во државава има доста луѓе со развиено критичко мислење.

Како и да е, сепак е добро тоа што неколку текстилни компании беа санкционирани поради кршење на работничките права. Оваа практика би требало да продолжи да се применува, па дури и треба санкциите да бидат построги отколку што се сега. Не е фер да се даваат откази во период кога на работнците им се потребни платите за да можат да преживеат. Јас можам да разберам да земаат големи плати, па да треба да им се намалуваат платите, но вработените во тектилната, кожарската и чевларската индустрија и онака земаат мали плати, па уште и да останат без работа… Тука повторно ќе се навратам на синдикатите во текстилната индустрија кои како претставници на работници треба со сите свои сили да се изборат за да работнците ги исполнат сите права од работниот однос. Тоа е целта на синдикатот, а не да седат од страна и само кога ќе им текне да излезат во јавност и да побараат нешто, а потоа повторно да ги нема. Јас не видов во претходниот период некој од синдикатите кои се репрезентативни во текстилната индустрија да излезат јавно и да им порачаат на газдите да прекинат со постапките кои ги кршат работничките права. И кога има колективни откази тие молчат. Мислам дека е малку нехумано да се молчи кога се прави разор во текстилната индустрија, а да се излегува и да се бара нешто што нема врска со актуелните проблеми. Прво се решаваат сегашните проблеми, па се актулелизираат идните, но ние тоа не го гледаме кај нас. Популистичките барања нема да ги решат проблемите на работникот, туку само ќе ги наталожат.

Во приватниот сектор воопшто,  социјалниот дијалог бил отсекогаш на многу ниско ниво.Тој е само вештачки присутен кога одредените страни ќе почувствуваат потреба да го искористат за свои цели, за да луѓето речат: „Еве нешто и овие работат“. Но, знаете што? Многу тешко поминуваат овие фарзи, особено кај луѓето што се бават со оваа проблематика, па затоа џабе ви е глумата, кога веќе ве научивме како функционирате. Исти сте како политичкиве партии кои се на власт. Само за време на кампања започнуваат и завршуваат проекти што требало да ги завршат уште пред неколку месеци или години. Работниците во Макдеонија веќе се опаметуваат и тоа ќе ви го покажат кога, по завршувањето на корона кризата, ќе продолжат да си заминуваат оттука. Ќе видиме после кого ќе претставувате адхок, кога вас ќе ви текне. Како и да е, јас сум континуиран оптимист, па сметам дека се ќе биде подобро.

Ставовите изразени во колумната во ниеден случај не ги изразуваат официјалните ставови на порталот Работник