Кочански Водовод остана без струја поради неплатени сметки

Управната зграда и неколку работни единици на „Водовод“ –Кочани се исклучени од електро-енергетската мрежа. Филтер станицата и пречистителната станица за третман на отпадните води работат и се уште не е доведено во прашање водоснабдувањето на граѓаните.

Јавното претпријатие се одлучило за оваа рестриктивна мерка, поради долгот од 50 милиони денари за сметки за струја, направен само во изминатите 3 месеци.

-Се работи за огромни средства за кои буџетот на јавното комунално претпријатие не дозволува финансирање и отплаќање на краток рок, заради тоа што на месечно ниво „Водовод“ – Кочани фактурира околу 12 милиони денари, а само сметката за месец август беше 18 милиони денари. Каде се останатите трошоци за редовно оперативно работење, каде се платите за вработените, изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани.

Папазов смета дека е потребно изнаоѓање на системско решение, зашто само долгот на „Водовод“ –Кочани чини близу 1/3 од годишниот буџет на општината.

-50 милиони денари е 800.000 евра. Општинскиот буџет изнесува 3-3,5 милиони евра. Треба 30 % од буџетот само за сервисирање на долгот. И уште една работа е многу важна, не само да се сервисира долгот, треба и понатаму да се создадат услови да не се акумулираат уште повисоки долгови на ниво на комунални претпријатија. Не зборувам само за „Водовод“ –Кочани, туку за сите комунални претпријатија, додаде Папазов.

Јавните претпријатија преку АДКОМ побараа од Владата да ги врати на регулираниот пазар на електрична енергија, зашто сега плаќаат за скоро 8 пати повисока цена, но регулаторното тело смета дека на тој начин ќе се оптовари системот и ќе се покачи цената за домаќинствата.

Извор: Сител