Колумни

Кривични пријави за сите газди кои не ги почитуваат мерките за заштита при работа

Многумина работници - Работник
96views

Морам да признам дека веста објавена пред некој ден во медиумите за фирмата чиј работник загина работејќи во шума во Пехчевско, била поднесена кривична пријава за поради постоење на сомнение за сторени кривични дела непреземање на мерки за заштита при работа и повреда на правата од работен однос, навистина ми даде доза на оптимизам. Редно време беше да започнат органите на прогонот да поднесуваат кривични пријави против газди кои не ги почитуваат законските прописи за заштита при работа, која преставува клучна компонента за безбедноста на работникот на неговото работното место. Не знам дали знаете, но согласно Законот за безбедност и здравје при работа, во секоја компанија треба да се процени ризикот на работното место. Оваа процена најчесто ја прават инженери за заштита при работа. Но, кај нас реално ретко каде се почитува оваа законска одредба, па поради тоа и имаме толку несреќи при работа.

Да не зборувам само колку работници се повредени или загинале во секторот градежништво, па поради тоа тој е еден од најризичните сектори кај нас, но не и во странство каде се работи според сите можни прописи. Знаете, веќе ми се згади речиси секој ден да читам дека некој работник се повредил или загинал на работното место, а притоа никој да не сноси последици околу тоа. Полицијата само постапува, истото го прави и Трудовиот инспекторат, но никогаш не се знае исходот. Јас досега не сум видел, прочитал ниту слушнал за тоа што се случило по истрагата на органите за повредата или смртта на работникот. Сето тоа покажува дека тие не се заинтересирани за работниците и ги глорификуваат само кога ќе треба да соберат поени за да дојдат на власт.

Ќе се навратам повторно на градежништвото. Надлежните органи сеуште немаат ништо конкретно преземено за да се намалат жртвите поради непреземањето на мерки за заштита при работа од страна на компаниите. За да го направат тоа, треба прво да работат на сузбивање на сивата економија, бидејќи најголемиот дел од работниците во градежништвото не се осигурени, а со тоа не им се плаќаат никакви бенефиции. Се додека не се открие која компанија колку точно вработени има, нема да се направи никаков напредок, а работниците ќе гинат на нивните работни места. Компаниите за да заработат повеќе, не им ги набавуваат соодветните заштитни опреми кои се законски пропишани, што е една од најголемите причини за повреди и смрт при работа. Јас не знам уште колку работници треба да ги изгубат животите, за да надлежните органи започнат да дејствуваат и да ги спречат овие лоши појави. Според податоците за несреќи при работа на Македонското здружение за заштита при работа, во 2019 година во градежништвото вкупно имало 42 несреќи при работа, од кои 36 биле повреди, а 6 смртни случаи. Сепак МЗЗПР ги има оние податоци кои ги објавуваат медиумите, а уште колку случаи има што не се објавуваат во јавноста, треба добро да се види и да се обелоденат сите тие газди кои не ги почитуваат мерките за заштита при работа.

Примерот со фирмата од Пехчево треба да биде репер за тоа како треба да се постапува кога се кршат мерките за заштита при работа и работничките права

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник

Бобан Илијевски