Правда

Кузмановска: Загадениот воздух го намалува имунитетот, што ја зголемува можноста за грип и респираторни болести

Кузмановска: Загадениот воздух - Работник
132views

Загадувањето на воздухот предизвикува потешкотии и намалување на општиот имунитет на организмот на секој човек, а особено на луѓето кои имаат хронична болест и болест на органите за дишење. Намалувањето на имунитетот и штетното дејство на загадениот воздух може да делува лошо и да ја зголеми шансата за заболување не само од грип, туку и за појава на кое било друго респираторно заболување. Грипот може да биде тешко заболување кое носи голем број компликации и може смртно да заврши.

Ова денеска го изјави емидемиологот Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје, која апелираше до ризичните групи, до сите кои имаат болен човек во семејството, мали деца, па и здравите луѓе да се вакцинираат против грип, додека неговата вистинска сезона се уште не почнала.

Таа рече дека бројот на заболени од грип е релативно низок и изнесува 207 за изминатата недела и посочи дека вистинската сезона на грипот се очекува идниот месец.

– Очекуваме со стартот на учебната година да расте бројот на заболени од грип. Тој број расте постепено, меѓутоа очекуваме поголем скок и достигнување на врвот во вториот месец од годинава. Бројот на заболени е сличен, како и минатата година во овој период, а во однос на оној просечен број за последните девет сезони кој го користиме како за споредба, бројот на заболени во изминатата недела е речиси 75 отсто помал. Во Скопје, Гостивар и Струмица има најголем број заболени, истакна д-р Кузмановска и препорача невакцинираните да се вакцинираат и да се заштитат од грипот.

Од вкупниот број заболени од грип, посочи, има и лица со потешка клиничка слика кои се хоспитализирани на институциите кои згрижуваат вакви пациенти, пред се, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Појасни дека нивниот број не е голем, ги испитуваат на присуство не само на грип, туку лабораториски се бараат и некои други вируси кои можат да предизвикаат вакво заболување. Додаде дека нема смртни случаи од компликации од грип.

Одговарајќи на новинарско прашање Кузмановска дека голем процент од здравствените работници се вакцинирани, бидејќи тие по својата професионална изложеност се една од ризичните групи и имале можност да се вакцинираат со бесплатни вакцини.

– Претпоставувам дека сите не се извакцинирани токму поради тоа што беше најавена таа донација. Донацијата е само преформулирана на еден начин. Од вкупно преостанати 6.700 комерцијални вакцини, средствата од донацијата обезбедуваат пренамена на околу 4.500 вакцини. Во моментот околу 1.500 дополнителни вакцини се распределени во државата и се вакцинираат здравствените работници, дополнителни 3.000 вакцини ќе бидат исто така пренаменети и ќе можат да се наменат за оние ризични групи кои и досега имаа можност да се вакцинираат бесплатно. Околу 4.500 вакцини се на располагање и тие околу 1.000 бесплатни вакцини кои беа наменети за деца на возраст до пет години кои се уште не се потрошени можат да бидат искористени во наредниот период, додаде епидемиологот Кузмановска

Извор: Лидер